Еден работен час на минимална плата во Македонија вреди околу 150 денари, колку за ѓеврек и јогурт. Така пресметува Иван Пешевски, потпретседател за градежниот сектор на Сојузот на синдикати на Македонија и претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање – СГИП, во видео интервју за Трн.
Пешевски зборуваше за платите што не стасуваат до крајот на месецот, за предлогот работниците да се плаќаат по час, за работниците што загинуваат на градилиштата и за тоа што би изгубиле вработените ако ги снема синдикатите.
Не едно семејство му требаат 100.000 денари, а медијалната плата е до 33.000
Според Пешевски, од една плата во Македонија денес може да се живее само ако таа е како платата на премиерот.
„Тој сам кажа дека од први до први со 155.000 денари му стига платата. Верувам дека плус-минус околу 100.000 денари треба да има едно семејство за да ги покрие најосновните трошоци за живот. Не зборуваме за штедење или за луксуз. Зборуваме за тоа човек да не влезе во минус на картичка и да го покрие станбениот кредит или киријата“, вели Пешевски.
ССМ секој месец ја пресметува синдикалната кошничка, следејќи ги цените по маркетите. Според тие пресметки, трошоците за живот за две години пораснале за 8.500 денари, а платите за не повеќе од 3.000 денари.
„Ако примањата се оние што ги гледаме во Сојузот на синдикати, медијална плата помеѓу 26.000 и 33.000 денари, верувајте, луѓето се откажуваат веќе од леб, а камоли од други луксузи. Луѓето многу одамна се откажале од кино и од театар“, вели тој.
Сликата за полни ресторани и гужви на границите, според него, не ја покажува реалноста на повеќето граѓани.
„Тоа не се повеќе од 30.000 до 40.000 луѓе, а забораваме дека Македонија има милион и осумстотини илјади жители. Овие за кои се бориме по улиците не виделе ни кино, ни театар, не виделе дури ни еднаш неделно месо на трпезата“, вели Пешевски.
ССМ досега бараше минимална плата од 600 евра. Пешевски вели дека синдикатите сега не истакнуваат бројка, бидејќи нивните пресметки покажуваат дека потребни би биле можеби и 800 евра, откако пораснаа кошничката и кириите. Не се согласува ниту со владината просечна потрошувачка кошничка од 58.000 денари.
„Јас не знам како е просечна, а во неа нема ниту еден курс за децата, нема спорт“, вели тој.
„Сто педесет денари е работниот час“
Пешевски не е против идејата платата да се мери по час, што ја предлагаат работодавачите. Проблемот, вели тој, е колку вреди тој час денес.
„Ние немаме проблем да го мериме часот. Ако треба, и минутата ќе ја измериме. Удрете на дигитрон 26.046 денари на 168 часа. Сто педесет денари е работниот час и е буквално ѓеврек и јогурт. А зборуваме за минимална плата која треба да обезбеди и здравствено осигурување и пензиски стаж“, вели Пешевски.
Според него, без гарантиран минимум часови, плаќањето по час би ги турнало работниците во сивата економија.
„Не може да се откажеме од минималната плата. И петстотини денари да биде часот, залудно е. Работодавачот ќе ве викне само четири часа месечно, колку што му требате, и дали вие со две илјади денари може да преживеете?“
Пешевски вели дека секое седнување со работодавачите и власта во Економско-социјалниот совет завршува со обид некое право да се скрати, па синдикатите сега се борат прво да го зачуваат стекнатото. Како пример го наведува регресот за годишен одмор, кој фирма во загуба не мора да го исплати.
„А газдата прикажал загуба затоа што си купил порше панамера на име на фирмата. Ако инспекциите излезат на терен да видат колку милиони профит имаат фирмите наспроти платите што ги даваат, ќе видиме дека сликата што ја прикажуваат работодавачите и владата е многу нереална“, вели тој.
Што би изгубиле работниците без синдикатите
Како најголем успех Пешевски ја наведува минималната плата, која за петнаесет години пораснала од околу 8.000 на 26.000 денари. Но многу други права, вели тој, работниците ги сметаат за зададени, а тие се изборени преку колективните договори.
„Додатокот за минат труд секој мисли дека му следува по закон, но за тоа се избориле синдикатите. Исто така и јубилејните награди и регресот за годишен одмор, кој не ви следува по закон, туку само по колективните договори. Ако се сведеме на голиот Закон за работни односи, тогаш ќе видите како се работело пред 1990 година“, вели Пешевски.
Синдикалните организации, според него, го покриваат само меѓу 10 и 20 проценти од пазарот на труд. За останатите, вклучително и нечленовите, ССМ има апликација преку која можат да пријават неисплатена плата или друго кршење на правата, и анонимно. Пријавите ги потпишува претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, а преку меморандум со Државниот инспекторат за труд на терен излегува инспектор.
„Во најголем дел од случаите излегло дека работниците се во право, а работодавачите се опоменети и казнети“, вели Пешевски.
Градилиштето е „убиец број еден“
Како претседател на градежниот синдикат, Пешевски вели дека градежништвото е најопасната дејност во државата. Според него, секоја година има меѓу 20 и 25 повреди на работа со смртен исход, најмногу во градежништвото, а во сите дејности заедно повеќе од 2.000 повреди.
„Најголем дел од повредите се случуваат во фирми кои ништо не почитуваат од социјалниот дијалог. Таму нема синдикат, а работодавачот не е член ни на една организација на работодавачи. Буквално имаме сурова експлоатација. Работат на плус четириесет степени и на минус дваесет. Таму прво треба да се избориме за човекови права, па потоа за работнички“, вели тој.
Синдикатот ги пријавува прекршоците до Државниот инспекторат за труд и до градежната инспекција, но инспекторите, вели Пешевски, не секогаш излегуваат на терен. „За жал, и ОЈО и полиција и ДИТ ги гледаме на едно место дудури кога ќе загине работник“, вели тој.
Осигурувањето, според него, на семејството на загинат работник му исплаќа еднократна отштета од 5.000 евра, а за траен инвалидитет 10.000 евра. Затоа тој ги повикува работниците да ја одбијат секоја работа што им го загрозува животот.
„Законот за безбедност и здравје при работа е дециден. Не може некој да ве избрка од работа затоа што ќе одбиете да загинете на работа. Газдите безбедноста сè уште ја гледаат како трошок, а не како инвестиција“, вели Пешевски.
Жолтите синдикати и изгубената солидарност
Пешевски вели дека на ССМ му е потешко со таканаречените жолти синдикати отколку со власта или со работодавачите. Според него, нови такви синдикати се појавуваат при секоја промена на власта.
„Ние цело време пишуваме, се бориме и подигнуваме свест, а од другата страна некој излегува и вели дека е задоволен со минималната плата и дека добро се живее во Македонија. Не знам која е цената за некој да молчи. Ако мене ми е добро, не значи дека на сите им е добро. Кај мене во синдикатот доаѓаат луѓе што не можат до први да си ги платат сметките“, вели Пешевски.
Најголемиот проблем, според него, е што се изгубило начелото на солидарност. Работниците чекаат некому да му се случи нешто лошо за да излезат на улица.„Македонскиот работник треба да е секој ден цел ден на улица за да добие повеќе, не само кога ќе повика синдикатот. Не можете да очекувате дека петмина суперхерои ќе се изборат за поголема плата ако самите не ја побарате. Треба рамо до рамо да излеземе на улица, а не да чекаме во канцеларии или да пишуваме статуси на Фејсбук“, вели Пешевски.
