Уметникот Иван Аџиевски ја најавува својата нова самостојна изложба насловена „Згужвана Меморија“, замислена како спој на сликарство и просторна инсталација што го истражува сеќавањето како променлива категорија. Серијата слики во масло на платно функционира паралелно со интерактивен сегмент, каде публиката добива директна улога физички да го запише и превитка сопственото доживување. Делата градат апстрактен јазик преку кој се преиспитува како времето и емоциите ги менуваат личните траги.
Сликарскиот циклус во техника масло на платно се потпира врз апстрактни структури што симулираат згужвана површина. Ваквиот пристап служи како метафора за меморијата како содржина што не исчезнува, туку се напластува, деформира и одново се артикулира.
Наместо раскажувачка форма, платната комуницираат преку текстурата и материјалноста. Колоритот варира од пригушени монохроматски тонови до силни визуелни контрасти, кои авторот ги поставува како психолошки маркери за лична интроспекција на гледачот. Промената на обликот и несовршеноста овде се претставени како природна состојба на секое човечко сеќавање.
Проектот преминува од дводимензионалното платно директно во галерискиот простор преку интерактивна скулпторска инсталација. Поставката е замислена да функционира само преку присуство и директна акција на публиката.
Секој посетител има можност на лице место да впише свое конкретно сеќавање, а потоа по сопствена желба и физички да го згужва листот. Преку овој чин меморијата добива релациска димензија. Таа престанува да биде апстрактен поим и станува опиплив предмет што се менува со секое ново движење низ просторот.
Иван Аџиевски, роден во Скопје во 1985 година, дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2009 година. На уметничката сцена активно стапнува во 2018 година со дебитантската изложба „BEAUTY SPOT“ во галеријата „Концепт 37“, каде изложи портрети и акти во експресионистички и кубистички стил.
Овој циклус доби свои продолженија со „BEAUTY SPOT II“ во КСП „Центар Јадро“ во 2022 година и „Beauty Spot III“ во Центарот за современи уметности во 2025 година. Покрај истражувањето на женскиот лик, Аџиевски разви и општествено ангажирани проекти. Во 2023 година ја претстави мултимедијалната поставка „ФОРМИ НА СИСТЕМОТ“ посветена на борбата против корупцијата, а во 2024 година изложи слики со замислени монументи за неродените и иселените граѓани. Претходно годинава, преку изложбата „Плацебо“, авторот експериментираше со алтернативни медиуми и минималистички наратив насочен кон ослободување од стресот.