Итната помош со над 200 повици дневно: граѓани колабираат од жештините

Поради високите температури зголемен е бројот на повици до Итната медицинска помош. Граѓани колабираат на јавни места, а хронично болните се со поголем ризик.

Високите температури го зголемија бројот на повици до Итната медицинска помош. Дневно се регистрираат повеќе од 200 повици, најчесто поради интервенции на јавни места каде граѓани колабираат, но и поради влошена здравствена состојба кај лица во домашни услови.

Ова за МИА го изјави Даниел Георгиевски од Итната медицинска помош, кој посочи дека интервенциите поврзани со топлото време се почести во споредба со другите периоди од годината.

Колапси, гадење и симптоми на топлотен удар

„Просечно интервенции на ИМП поврзани со колапси има меѓу три и пет дневно, но во одредени денови бројката е и поголема. Има повеќе повици од граѓани со симптоми како лошење, гадење, прегревање на телото и топлотен удар, а многу често успеваме да помогнеме и со совети“, изјави Георгиевски за МИА.

Тој предупредува дека високите температури особено тешко ги погодуваат хронично болните лица. Кај нив може да дојде до влошување на кардиолошката состојба, промени во крвниот притисок, како и зголемен ризик од срцеви и мозочни удари.

Да се избегнува сонце од 11 до 17 часот

Од Итната медицинска помош препорачуваат граѓаните да не се изложуваат директно на сонце во периодот од 11 до 17 часот.

Се советува внесување доволно течности, пред сè вода, избегнување алкохол, носење лесна облека и заштита за главата при излегување.

Граѓаните кои по подолг престој на сонце ќе почувствуваат вртоглавица, гадење или слабост треба веднаш да се засолнат во разладена просторија и да внесат повеќе течности.

Посебна внимателност за хронично болните

Георгиевски советува во текот на топлите денови да се внесува полесна храна, а хронично болните редовно да ја земаат пропишаната терапија.

Тој препорачува и почесто мерење на крвниот притисок, а кај лицата со дијабетес и редовна контрола на нивото на шеќер во крвта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс