Италија останува светски лидер во производството на вино, Шпанија има најмногу лозови насади

Светските лозови насади се намалуваат шеста година по ред, додека Италија ја задржува лидерската позиција во производството на вино. Шпанија останува земја со најмногу лозја.

Светските површини под лозови насади продолжуваат да се намалуваат шеста година по ред, покажуваат најновите податоци на Меѓународната организација за лозарство и винарство (OIV). Во 2025 година лозјата зафаќале околу седум милиони хектари на глобално ниво, што е за 0,8 проценти помалку во споредба со претходната година.

Иако глобалниот тренд е намалување на лозовите насади, неколку земји бележат раст. Најзначително зголемување има во Индија и Бразил, додека во Кина, Франција, Шпанија, Италија и САД се забележува стагнација или намалување на површините. Шпанија и натаму е земјата со најмногу лозови насади во светот со 919.000 хектари, пред Франција, Кина и Италија.

Истовремено, светското производство на вино во 2025 година достигна 227 милиони хектолитри, што претставува благ раст во однос на претходната година. Европската Унија и понатаму произведува околу 60 проценти од светското вино, иако производството во земјите членки е намалено за 1,3 проценти.

Најголем производител на вино останува Италија со 44,4 милиони хектолитри. Франција е на второто место со 36,1 милион хектолитри, додека Шпанија произведе 28,7 милиони хектолитри. Климатските предизвици, особено сушите и неповолните временски услови, имаа значително влијание врз производството во делови од Франција и Шпанија.

За разлика од Европа, земјите од јужната хемисфера бележат раст на производството од повеќе од седум проценти. Австралија се издвојува како една од најуспешните, но експертите предупредуваат дека климатскиот феномен Ел Нињо може повторно да донесе суши и нестабилни временски услови во голем број лозарски региони.

Во меѓувреме, глобалната потрошувачка на вино е во пад. Во 2025 година се проценува на 208 милиони хектолитри, што е за 2,7 проценти помалку од претходната година. Намален е и светскиот извоз на вино, но и покрај тоа секторот останува силно поврзан со меѓународната трговија, бидејќи повеќе од една третина од вкупното производство завршува на странските пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс