Италија бара суспензија на Шпанија од Шенген по масовниот бран мигранти во Сеута

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани повика на затворање на шенгенската граница со Шпанија, откако илјадници мигранти влегоа во шпанската енклава Сеута од Мароко.

Италија побара суспензија на Шпанија од Шенген-зоната поради масовниот прилив на мигранти во шпанската енклава Сеута, каде во изминатите денови илјадници луѓе нелегално ја преминаа границата од Мароко. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека ја поддржува суспензијата на Шпанија од шенгенскиот простор и воведување контроли на границата.

„Ја поддржувам затворањето на Шенген зоната со Шпанија“, напиша Тајани на социјалната мрежа X, осудувајќи ја, како што рече, „нерегуларната и неконтролирана имиграција“.

Според шпанската Цивилна гарда, стотици мигранти во неделата ја препливале морската граница од Мароко до Сеута, при што полицијата не успеала целосно да го запре нивниот влез. Во инцидентот животот го загубиле девет мигранти, а шпанските власти распоредија дополнителни 60 војници за поддршка на безбедносните сили.

Бројот на мигранти кои успеале да влезат во Сеута сè уште не е прецизно утврден. Шпанската државна телевизија TVE проценува дека границата ја преминале меѓу 2.000 и 3.000 лица, додека дел од медиумите објавија бројки и до 20.000. Новинската агенција EFE јави дека стотици мигранти ја прескокнале заштитната ограда во момент кога на дел од неа немало полициско обезбедување.

Сеута, заедно со Мелиља, е една од двете шпански енклави во Северна Африка и претставува единствената копнена граница меѓу Европската Унија и африканскиот континент. Поради тоа, овие две територии со години се меѓу главните точки за нелегална миграција кон Европа.

Изјавата на Тајани дополнително ја отвора дебатата за функционирањето на Шенген-зоната и заедничката европска миграциска политика, во време кога неколку земји-членки повторно бараат построги контроли на надворешните граници на Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс