Многу европски земји имаат сериозен проблем со пренатрупаност во затворите, каде што меѓу затворениците има зголемен процент на стари лица и жени, покажа годишната статистика на Советот на Европа за затворската популација (SPACE I) за 2025 година, објавена денес.
Генерално, во Европа бројот на затвореници на 100 расположиви места се зголемил од 94,7 на 95,2 помеѓу 31 јануари 2024 и 31 јануари 2025 година, но со значителни разлики меѓу земјите.
Во земји со население од над 500.000, 14 затворски системи пријавиле повеќе затвореници отколку достапни места, а бројот на земји што пријавиле сериозна пренатрупаност се зголемил од шест на девет. Статистиката покажува дека најпренатрупаните затвори се во Турција и Франција (двете со 131 затвореник на 100 места), по што следат Хрватска (123), Италија (121), Малта (118), Кипар (117), Унгарија (115), Белгија (114) и Ирска (112).
Финска (110), Грција (108), Северна Македонија (104) и Шведска (103) се во групата земји со умерена пренатрупаност на затворите.
Со 96 затвореници на 100 слободни места, Србија е во групата земји каде што затворите се блиску до полн капацитет, заедно со Романија, Португалија, Чешка, Данска, Холандија, Швајцарија…
Во притвор во се повеќе од 1,1 милион луѓе
Според податоците од извештајот SPACE I, на 31 јануари 2025 година, во 51 затворска администрација на земјите-членки на Советот на Европа имало 1.107.921 лица во притвор, што претставува средна стапка на затворска популација од 110 затвореници на 100.000 жители низ целиот континент.
Кога се разгледуваат затворските администрации од земји со повеќе од еден милион жители кои доставиле податоци за 2024 и 2025 година, средната стапка на затворска популација во Европа останала стабилна (115 затвореници на 100.000 жители).
Сепак, тринаесет затворски системи забележаа значително зголемување на стапките на затворање помеѓу јануари 2024 и јануари 2025 година, вклучувајќи ја Турција (+29 проценти), Црна Гора (+22 проценти), Грција (+14 проценти), Хрватска (+11 проценти), Босна и Херцеговина (+8,2 проценти), Унгарија (+5,3 проценти).
Стапката на затворање значително се намалила само во пет земји, Украина (-18 проценти), Словачка (-16 проценти), Грузија (-11 проценти), Естонија (-9,8 проценти) и Полска (-6 проценти).
Земјата со највисока стапка на затвореници е Турција со 458 затвореници на 100.000 жители, покажаа статистичките податоци.
Во земјите од регионот, Црна Гора е на петто место со 200 затвореници на 100.000 жители, Албанија е шеста со 192, а Србија е десетта со 174. Северна Маледонија има 146 затвореници на 100.000 жители.
Генерално, во Европа, секој четврти затвореник бил во притвор, а Албанија (62 проценти), Црна Гора (53 проценти) и Ерменија (52 проценти) имале најголем удел на притворени лица во претходна постапка во вкупниот број затвореници.
Од друга страна, особено ниски удели под 10 проценти беа забележани во Бугарија и Чешка.
Просечната возраст на затворениците во европските казнени установи е 39 години, со значителни разлики меѓу земјите. Податоците покажуваат дека најстарите затвореници во затворите во Италија и Португалија имаат просечна возраст од 42 години, по што следат Црна Гора, Србија и Естонија, каде што затворениците имаат просечна возраст од 41 година.
Истражувањето покажува зголемување на присуството на постари лица во затворите, од 2,5 проценти во јануари 2020 година на 2,9 проценти во 2025 година.
Истражувањето особено го истакнува високиот удел на затвореници над 65 години во одредени земји, меѓу кои Хрватска е на чело со 10,8 проценти, по што следат Србија (7,2 проценти) и Словенија (5,7 проценти).