Истрагата го откри причинителот на катастрофалниот пожар во Шпанија: Уапсено едно лице

Полицијата утврдила дека пожарот, кој зафати повеќе од 77.000 хектари, најверојатно бил предизвикан од незаконска употреба на тешка механизација во област каде што тоа било забрането поради екстремен ризик.

Шпанската полиција соопшти дека истрагата покажала оти еден од најголемите шумски пожари во историјата на земјата бил предизвикан од неовластена употреба на тешка механизација во шумска област кај местото Бургондо, во провинцијата Авила.

Според истрагата, пожарот избувнал на 22 јули кога искра, создадена при работа на тешка машина, ја запалила сувата вегетација. Во тој период, поради екстремната опасност од пожари, користењето ваква механизација било строго забрането. Поради случајот, едно лице е уапсено, а уште едно е опфатено со истрагата.

Поради силниот ветер, високите температури и исклучително сувата вегетација, огнот брзо се проширил и се споил со други пожари во околината на Мадрид и Толедо, создавајќи огромен огнен фронт. Причините за пожарите во овие две области сè уште се истражуваат.

Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка го опиша обединетиот пожар како „најголемиот и најагресивниот во историјата на Шпанија“, по што владата прогласи национална вонредна состојба.

Според последните податоци, огнената стихија зафатила повеќе од 77.000 хектари шуми и вегетација, а периметарот на пожарот достигнал околу 280 километри. Сателитските снимки регистрирале повеќе од 1.000 активни жаришта.

Пожарот сериозно ги погоди долината Алберче, планинскиот регион Сиера де Гредос, долината Тиетар и природниот резерват Вале де Ируелас, кој претставува едно од најзначајните европски живеалишта на црниот мршојадец.

Поради опасноста, повеќе од 90.000 жители во централна Шпанија биле евакуирани или добиле наредба да останат во своите домови. Дополнително, уште 16.000 луѓе биле евакуирани поради посебен голем пожар во провинцијата Кастељон.

Во гаснењето учествуваат повеќе од 1.800 пожарникари и припадници на службите за итни случаи, со поддршка од меѓународни тимови од Португалија, Италија, Грција и Турција.

Експертите пожарот го класифицираат како пожар од „шеста генерација“ – исклучително интензивен вид пожар што создава сопствени временски услови, нагло го менува правецот на ширење и формира нови жаришта на голема оддалеченост, што значително го отежнува неговото локализирање.

Од почетокот на годината, во Шпанија изгореле повеќе од 211.000 хектари, речиси осум пати повеќе отколку во истиот период лани, а метеоролозите предупредуваат дека нов топлотен бран со температури над 40 Целзиусови степени дополнително ќе го зголеми ризикот од нови пожари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс