Историска одлука во Црна Гора: Жените ќе имаат право на два дена платено менструално отсуство месечно

Новите законски измени им овозможуваат платено отсуство на жените со дијагностицирана секундарна дисменореа, предизвикана од гинеколошки заболувања.

Црногорскиот парламент ги усвои измените на Законот за здравствено осигурување, со кои жените со дијагностицирана секундарна дисменореа ќе имаат право на два дена платено менструално отсуство секој месец.

Правото се однесува на жени кои имаат болни менструални циклуси предизвикани од органски причини, како што се ендометриоза, миоми, полипи, синдром на полицистични јајници и други гинеколошки заболувања.

Иницијативата ја поднесе независната пратеничка Јевросима Пејовиќ во март годинава, а предлогот едногласно доби поддршка од надлежните собраниски комисии пред да биде усвоен во парламентот.

Во образложението на законот се наведува дека целта е да се намали стигмата поврзана со менструалното здравје, да се заштити здравјето на жените и да се воспостави рамнотежа меѓу работните обврски и медицинските потреби.

Секундарната дисменореа претставува состојба со силни менструални болки предизвикани од претходно дијагностицирани гинеколошки заболувања, а често е проследена со грчеви, гадење, замор, обилни крвавења, болни полови односи, проблеми со мокрењето и, во одредени случаи, неплодност.

Со ова, Црна Гора се приклучува на малата група земји кои законски обезбедуваат посебно менструално отсуство за жени со медицински потврдени здравствени состојби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс