Фусаџиро Јамаучи на 23 септември 1889 година во Кјото отворил мал дуќан за рачно изработени карти за играње, поставувајќи ги темелите на денешниот глобален гигант Нинтендо. Компанијата најпрво произведуваше карти „ханафуда“, популарни меѓу локалните играчи и јапонската јакуза. По децении експериментирање со такси-превоз, инстант-храна и хотели, раководството во седумдесеттите години на минатиот век направи пресврт кон електронските игри, создавајќи бизнис што подоцна го дефинираше модерниот гејминг.

Фусаџиро Јамаучи ја регистрираше фирмата под името „Нинтендо Копај“ во време кога јапонската влада штотуку ја укина долгогодишната забрана за карти за играње. Јамаучи почна да прави карти „ханафуда“ од кората на дрвото црница, кои ги боисуваше рачно. Бидејќи на картите немаше броеви туку илустрации со цвеќиња и животни, тие беа легални за продажба.
Побарувачката брзо порасна. Главни купувачи станаа илегалните коцкарници раководени од јакуза клановите. Тие отвораа нов шпил карти на почетокот на секоја партија за да спречат бележење и измами, што му обезбеди на Јамаучи постојан и сигурен пазар. Бизнисот се ширеше низ цела Јапонија, а компанијата подоцна воведе и пластифицирани карти со ликовите на Волт Дизни, со што влезе и во семејните домови.
Неуспешни обиди со такси, инстант-храна и љубовни хотели
Во средината на минатиот век, правнукот на основачот, Хироши Јамаучи, сфати дека пазарот за карти има лимит. Тој ги промени парите од берзанскиот раст во низа ризични инвестиции надвор од традиционалниот занает.
Нинтендо отвори сопствена такси-компанија наречена „Даија“, која брзо банкротираше поради конфликти со синдикатите и високите трошоци за плати. Потоа следеше неуспешен обид со продажба на инстант-ориз, како и краткотрајна инвестиција во синџир на „љубовни хотели“ за кратки престои. Ниту еден од овие потфати не донесе профит. Компанијата се најде во сериозни финансиски проблеми, што го принуди менаџментот целосно да го преиспита својот фокус кон индустријата за забава.
Пресвртот кон пластични играчки и дигитална забава
Спасот дојде од фабриката. Инженерот за одржување Гунпеи Јокои во слободно време изработувалпластична механичка рака на расклопување за сопствена забава. Хироши Јамаучи ја забележал направата при редовна инспекција на погонот и веднаш наредил масовно производство. Играчката наречена „Ultra Hand“ се продала во повеќе од милион примероци во Јапонија и ја спаси компанијата од банкрот.
Јокои беше префрлен во развој на производи, каде што почна да експериментира со електроника. Во седумдесеттите години Нинтендо разви фотоелектронски пиштоли за стрелање, а набрзо потоа влезе на пазарот на аркадни игри. Вистинскиот пробив дојде со ангажирањето на младиот индустриски дизајнер Шигеру Мијамото, кој ја создаде аркадната игра „Donkey Kong“. Токму во оваа игра за првпат се појави ликот Џампмен, кој подоцна го доби името Марио.

Успехот на конзолата Famicom во Јапонија, односно NES на западните пазари во средината на осумдесеттите години, го запечати статусот на компанијата како светски лидер во дигиталната забава. Денес брендот зад себе има продадено стотици милиони конзоли, но сè уште задржува мал оддел во Кјото што произведува традиционални „ханафуда“ карти во чест на основачот.