Ирскиот јавен радиодифузер РТЕ потврди дека Ирска нема да учествува на „Евровизија“ 2027, која ќе се одржи во Бургас, Бугарија. Одлуката е поврзана со продолжувањето на војната во Газа и со учеството на Израел во натпреварот.
Од РТЕ соопштија дека учеството на Ирска „не може да се оправда“ во услови на, како што наведуваат, продолжена загуба на човечки животи и хуманитарна криза во Газа. Ирскиот јавен сервис изрази и загриженост поради ограничувањето на независниот пристап на меѓународните новинари до територијата. Покрај тоа што нема да испрати свој претставник, РТЕ нема ниту да го пренесува натпреварот.
Одлуката на Ирска е втора по ред. Земјата не учествуваше ниту на „Евровизија“ 2026 во Виена, откако Европската радиодифузна унија потврди дека израелскиот јавен сервис КАН ќе може да учествува. Ирска сега ѝ се приклучува на Холандија, чиј јавен сервис АВРОТРОС минатиот месец исто така најави дека нема да учествува во 2027 година. Холандскиот радиодифузер оцени дека натпреварот повеќе не е во согласност со принципите на доверливост, независност и човечност и ја доведе во прашање неговата неутралност поради учеството на земја која е вклучена во голем воен конфликт.
Во изданието во 2026 година, покрај Ирска и Холандија, не учествуваа и Шпанија, Исланд и Словенија. Засега не е потврдено дали и овие три земји ќе донесат иста одлука за 2027 година. Директорот на „Евровизија“, Мартин Грин, изрази жалење поради одлуката на РТЕ, но порача дека таа е целосно почитувана и дека разговорите со ирскиот јавен сервис ќе продолжат.
„Евровизија“ 2027 ќе се одржи во Бургас
Следното издание на натпреварот ќе се одржи во Бургас, Бугарија, откако бугарската пејачка Дара ја донесе првата победа за земјата на „Евровизија“ со песната „Бангаранга“ во 2026 година. Полуфиналните вечери се закажани за 11 и 13 мај, а големото финале ќе се одржи на 15 мај 2027 година во „Арена Бургас“.
Ирска е една од најуспешните земји во историјата на натпреварот. Победила седум пати, последен пат во 1996 година со Ејмар Квин и песната „The Voice“. Конечниот список на земји што ќе учествуваат на „Евровизија“ 2027 сè уште не е објавен.