Иранското Министерство за надворешни работи денеска ги осуди САД, обвинувајќи ги дека со последните воени дејствија го прекршиле прекинот на огнот и ја загрозиле безбедноста на регионот.
Во соопштението, Техеран наведува дека Вашингтон „не само што нема волја да ги намали тензиите и да се врати на патот на стабилноста, туку со своите авантуристички потези сериозно ја загрозува безбедноста на регионот“.
Иранското министерство го осуди американскиот напад врз крајбрежни радарски и надзорни објекти во регионот Сирик и на островот Кешм, оценувајќи дека со тоа е прекршен прекинот на огнот, објави новинската агенција „Мехр“.
Во реакцијата се наведува дека САД ја носат одговорноста за последиците од овие дејствија и нивното влијание врз регионалната безбедност.
Министерството, исто така, ги повика земјите од регионот да го почитуваат принципот на добрососедски односи и да се придржуваат до меѓународното право.
Техеран побара од регионалните држави да не дозволат нивната територија и инфраструктура да бидат користени за планирање или спроведување агресивни дејствија против Исламската Република Иран.