Иран постави нов услов за мир со САД: Без крај на војната во Либан нема договор

Техеран предупреди дека мировниот договор со САД може да пропадне доколку продолжи војната во Либан. Иранските власти испратија јасна порака пред денешните преговори во Швајцарија.

Иран испрати нова порака до Соединетите Американски Држави во пресрет на денешните разговори во Швајцарија, нагласувајќи дека мировниот процес нема да може да продолжи доколку не се стави крај на конфликтот во Либан. Сејед Мехди Табатабаи, заменик задолжен за комуникации во кабинетот на иранскиот претседател, предупреди дека продолжувањето на воените дејствија во Либан може целосно да го урне постигнатиот договор меѓу Техеран и Вашингтон.

„Продолжувањето на злосторствата на ционистичкиот режим во Либан ќе доведе до поништување на целиот договор“, порача Табатабаи преку социјалната мрежа Икс.

Во меѓувреме, главниот ирански преговарач Мохамад Багер Багаи најави дека на средбата во Швајцарија ќе се разговара и за, како што наведе, прекршувањата на почетните договорени услови. Според иранските медиуми, разговорите ќе траат во текот на денот, а засега не е планирано нивно продолжување во наредните денови. Дополнителна тежина на преговорите им даде и изјавата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, кој повтори дека Иран нема амбиции да развива нуклеарно оружје.

„Единственото што ја интересира Америка е да не поседуваме нуклеарна бомба. Нашиот врховен водач повеќепати јасно кажа дека не сакаме атомска бомба. Америка побара тоа да го потврдиме и во писмена форма, а ние го направивме тоа“, изјави Пезешкијан.

Преговорите меѓу САД и Иран се одржуваат во момент кога тензиите на Блискиот Исток повторно растат, а исходот од средбата во Швајцарија би можел да има значително влијание врз безбедноста и политичката стабилност во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс