Иран делумно го отвори својот воздушен простор и дозволи обновување на меѓународните летови, како прв сигнал за нормализација по неделите на воен конфликт. Според официјалните информации, воздушните коридори над источниот дел од земјата се повторно активни, а шест аеродроми, вклучително и оној во Техеран, почнале да работат од утринските часови.
Одлуката доаѓа во контекст на привременото примирје на Блискиот Исток, при што до пилотите ширум светот е испратена NOTAM нотификација за повторно отворање на дел од иранското небо. И покрај тоа, непосредно пред отворањето, сè уште немало активни летови над земјата, што покажува дека воздушниот сообраќај се враќа постепено.
Истовремено, и на морето се забележува движење. Според податоците за следење на бродови, конвој од осум танкери веќе поминал низ Ормускиот теснец. Станува збор за мешана група – од големи танкери за сурова нафта до бродови за течен гас и нафтени деривати.
Сега, со привременото примирје, дел од сопствениците на бродови се обидуваат да ја искористат кратката можност за напуштање на Заливот. Иако движењето е обновено, неизвесноста останува, бидејќи ситуацијата и понатаму зависи од тоа дали прекинот на огнот ќе се одржи и ќе прерасне во подолгорочно решение.