Иран: „Oрмутскиот теснец нема да се отвори“ – расте ризикот за глобалната економија

Тензиите на Блискиот Исток дополнително се заоструваат откако главниот ирански преговарач порача дека отворањето на Ормутски Теснец „не е можно“ во моменталните услови. Мохамад Багер Галибаф обвини дека причината се „очигледни прекршувања на примирјето“ од страна на САД и Израел, вклучително и американската поморска блокада на иранските пристаништа, која ја оцени како „земање на глобалната економија за заложник“.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан порача дека Техеран останува отворен за преговори, но нагласи дека блокадите и заканите се главна пречка за вистински дијалог. Во меѓувреме, најавените мировни разговори меѓу САД и Иран сè уште не се реализирани, а американската делегација предводена од Џеј Ди Венс не отпатува на состанокот.

Од Белата куќа соопштија дека претседателот Доналд Трамп е „задоволен“ од тековната поморска блокада на Иран и дека одлуката за крај на конфликтот ќе ја донесе кога ќе оцени дека е во интерес на САД.

Запленети бродови и инциденти

Ситуацијата дополнително се влоши откако Иран објави дека запленил два товарни брода во Ормутскиот теснец, обвинувајќи ги за прекршување на правилата и нелегално движење.

Иранските власти тврдат дека бродовите се обиделе тајно да ја напуштат зоната и манипулирале со навигациските системи. Трет брод, во сопственост на Обединети Арапски Емирати, бил нападнат но не и задржан.

Паралелно, Пентагон објави смена во врвот на морнарицата, без да даде детали за причините, што дополнително ги засили шпекулациите за внатрешни притисоци во американската администрација. Аналитичарите предупредуваат дека отсуството на јасен временски рок за дипломатско решение остава простор за продолжен притисок врз Иран, но и за нова ескалација.

Ормутскиот теснец, преку кој минува значителен дел од светската трговија со нафта, останува клучна геополитичка точка. Секоја негова блокада има директни последици врз глобалните пазари и цените на енергенсите

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни