Иран започна напади врз дата-центри за вештачка интелигенција во Персискиот Залив, третирајќи ги овие технолошки објекти како воени мети. Нападите откриваат нова ранливост на глобалната економија и директно ги загрозуваат милијардите долари инвестирани во дигиталната инфраструктура во тој регион. Овој потег на Техеран создава сериозни нарушувања во технолошкиот сектор и ги става под знак прашалник идинските безбедносни гаранции за големите корпорации.
Иранските стратези ги дефинираа дата-центрите и инфрастуктурата за вештачка интелигенција како директна поддршка за воените операции на нивните противници. Со тоа, објектите што досега се третираа како цивилен бизнис-сектор стануваат примарни мети за ракетни и дроновски напади.
Оваа промена на воената доктрина директно го погодува регионот на Заливот, каде земјите во изминатиот период вложија огромни финансиски средства за изградба на моќна дигитална инфраструктура.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и соседните земји привлекоа значајни инвестиции од водечките светски технолошки гиганти. Нападите врз овие капацитети предизвикуваат загриженост кај инвеститорите, бидејќи оштетувањето на само еден поголем дата-центар може да предизвика прекин во глобалните синџири на снабдување и дигиталните услуги.
Експертите за безбедност предупредуваат дека заштитата на ваквите објекти е исклучително сложена. За разлика од традиционалните енергетски постројки, центрите за податоци зависат од постојано напојување со струја, ладење и непрекината мрежна поврзаност, што ги прави лесно ранливи на секој вид физички или сајбер-напад.
Иако конфликтот е географски оддалечен, последиците од евентуални поголеми прекини во заливските дата-центри може да се почувствуваат и во Европа, вклучително и во Македонија. Голем број европски компании користат облак-услуги и капацитети за обработка на податоци лоцирани во овие региони, што значи дека секој поголем застој може да доведе до забавување на дигиталните процеси и зголемување на трошоците за сајбер-безбедност.