Нова ескалација на Блискиот Исток: Иран го затвора Ормускиот теснец по американските напади

Иран соопшти дека Ормускиот теснец останува затворен до понатамошно известување по новата ескалација со САД. Техеран тврди дека примирјето е практично бесмислено.

Иранските власти соопштија дека Ормускиот теснец, еден од најважните поморски коридори за транспорт на нафта и гас во светот, ќе остане затворен до понатамошно известување по најновата ескалација на конфликтот со Соединетите Американски Држави.

Одлуката ја потврди новоформираното тело задолжено за надзор на теснецот, откако претходно Револуционерната гарда најави ограничувања за пловидбата во областа.

„Поради тензиите предизвикани од американската воена агресија во регионот, Ормускиот теснец останува затворен до понатамошно известување“, се наведува во соопштението.

Од бродовите кои веќе добиле дозвола за транзит било побарано да ги следат понатамошните инструкции од надлежните служби.

Во меѓувреме, САД и Иран втор ден по ред разменија воздушни напади. Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека ќе следуваат нови воени акции доколку Техеран не се согласи на мировен договор.

Најновата ескалација следува по соборувањето на американски хеликоптер „Апачи“ во близина на Ормускиот теснец, по што двете страни започнаа серија одмазднички напади врз воени цели во регионот.

Иранското Министерство за надворешни работи жестоко ги осуди американските напади и оцени дека тие го направиле речиси двомесечното примирје „практично бесмислено“.

„Нелегалните и криминални напади извршени од САД претставуваат сериозно кршење на меѓународното право и го поткопуваат секој обид за стабилизација на состојбата“, соопшти Министерството.

Од Техеран порачаа дека одговорноста за можните последици од понатамошната ескалација ја сносат американските власти.

И покрај растечките тензии, според информации на Ројтерс, дипломатските контакти меѓу двете земји не се целосно прекинати. Ирански извори тврдат дека во тек се разговори за можен механизам за ослободување на дел од замрзнатите ирански средства, што би можело да отвори простор за продолжување на преговорите.

Затворањето на Ормускиот теснец предизвика загриженост на глобалните пазари, бидејќи низ овој поморски премин минува значителен дел од светскиот извоз на нафта и течен природен гас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс