Хрватскиот македонист, универзитетски професор и преведувач Борислав Павловски е годинешен добитник на интернационалната награда „Драги“ за преводот на романот „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски, објавен во Загреб. Жири-комисијата за признанието, кое го доделува издавачката куќа „Антолог“, соопшти дека преводот на хрватски јазик излезе преку издавачката куќа „ТИМ прес“. Одлуката доаѓа во година кога македонската културна јавност одбележува 75 години од раѓањето на Михајловски.
Борислав Павловски, роден во Бјеловар во 1950 година, дипломирал, магистрирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Загреб, каде што од 1986 до пензионирањето во 2020 година раководеше со Катедрата за македонски јазик и книжевност. На почетокот на кариерата работеше и како постојан дописник на весникот „Нова Македонија“ од Хрватска. За својот долгогодишен научен и преведувачки труд тој е почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и добитник на признанијата „Блаже Конески“ на МАНУ и „Апостол Павле“.
Во образложението за интернационалната награда „Драги“, жирито наведе дека преводот на „Бајазит и Оливера“ воспоставува природна рамнотежа меѓу верноста кон оригиналот и творечката слобода. Преведувачот успева на автентичен начин да го пренесе сложениот текст во кој авторот ги спојува историските факти со интимните и филозофските димензии на раскажувањето.
Жири-комисијата ја соопшти и листата на 12 дела од осум различни јазици што влегуваат во вториот круг на селекција за домашната награда „Драги“. Годинава признанието првпат се фокусира на препевот на поетски дела во стих. Во потесниот избор се најдоа:
- Ана Пејчинова за препевот од англиски на „Избрани песни“ од Радјард Киплинг („Полица“, 2024)
- Даниела Спироска за препевот од англиски на „Песни“ од Дилан Томас („ПНВ Публикации“, 2026)
- Драгана Евтимова за препевот од словенечки на „Тускулум“ од Денис Шкофич („ПНВ Публикации“, 2025)
- Ели Пујовска за препевот од холандски на одбраните песни од Анеке Брасинга („СВП“, 2026)
- Звонко Танески за препевот од словачки на одбраните песни од Иван Штрпка („СВП“, 2025)
- Иван Шопов за препевот од бугарски на „Писма до Нија која не ја родив“ од Димана Јорданова („Чудна шума“, 2026)
- Игор Радев за препевот од кинески на „Безначајни песни“ од Шји Чуан („СВП“, 2026)
- Јулијана Величковска за препевот од англиски на „Погребувањето на глувчарапчето“ од Дерин Рис-Џоунс („ПНВ Публикации“, 2025)
- Ксенија Чочкова за препевот од германски на делото од Михаел Кригер („СВП“, 2026)
- Никола Ѓелинчески за препевот од англиски на „Неред“ од Питер Мекеј („СВП“, 2026)
- Никола Маџиров за препевот од бугарски на „Таму каде што не сме“ од Георги Господинов („Или-или“, 2025)
- Петар Андоновски за препевот од грчки на збирката „30 грчки современи автори“ („Прозарт“, 2025)
Наградата „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му припадна токму на писателот и универзитетски професор Драги Михајловски (1951 – 2022). Покрај со сопственото прозно творештво, Михајловски даде клучен придонес во македонската култура преку препевите на Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк и Елиот.
Годинашното издание на манифестацијата го реализира издавачката куќа „Антолог“, со соработка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.