Инстаграм повторно експериментира со долги видеосодржини, надевајќи се дека корисниците ќе почнат да гледаат подкасти и други видеа и на своите телевизори. Компанијата тестира нов хоризонтален видеоформат наречен „Фичрс“ (Features), кој поддржува снимки во траење до 90 минути, а воведува и други функции со кои сака да привлече поголема публика за ваков тип содржини.
Засега, долги видеа за платформата ќе можат да создаваат само неколку креатори кои имаат склучено посебни договори со Мета. Компанијата моментално се фокусира на комичари и автори на подкасти, објави „Холивуд рипортер“.
Хоризонталните видеа ќе може да се гледаат директно во апликацијата Инстаграм, но Мета се надева дека новиот формат ќе ги поттикне корисниците да ги користат и нејзините посебни апликации за телевизори.
Од кратки клипови до цели епизоди
Во видеообраќање, директорот на Инстаграм, Адам Мосери, изјави дека една од неговите грижи при воведувањето подолги видеа била можноста тие да ја намалат интеракцијата со кратките содржини што корисниците во моментов ги гледаат.
Сепак, тој се надева дека двата формата ќе се надополнуваат. На пример, корисниците што ќе погледнат неколку кратки исечоци од подкаст или комичарски настап преку Рилс можеби ќе посакаат да ја гледаат целата епизода на својот телевизор.
Идејата е кратките видеа да служат како вовед во подолгите содржини, а не да бидат заменети со нив.
Инстаграм ги проширува апликациите за телевизори
Мета веќе извесно време се подготвува за ваква промена. Минатата година компанијата ја претстави својата прва телевизиска апликација со верзија на Рилс за Фајр ТВ, а сега во понудата додава и апликација за Епл ТВ, покрај веќе поддржаните уреди со Самсунг ТВ и Гугл ТВ.
Телевизиските апликации се прошируваат и со поддршка за објави во форма на Сторис и преноси во живо. Инстаграм тестираше и функција наречена „Серии“, која им овозможува на креаторите да поврзат повеќе кратки видеа, за корисниците полесно да пронајдат сродни содржини од истиот автор. Овие епизодни содржини сега ќе бидат достапни и преку телевизиската апликација.
Мета сака поголем дел од пазарот за видеосодржини
Промените се најновиот обид на Мета да му конкурира на Јутјуб и да го приспособи Инстаграм за содржини што вообичаено привлекуваат попрофитабилни рекламни договори. За „Холивуд рипортер“, компанијата изјавила дека планира да соработува со креаторите за да им помогне да пронајдат брендови со кои ќе склучат рекламни партнерства, доколку веќе немаат воспоставени односи со огласувачи.
Ова не е првпат Мета да се обиде да го следи моделот на Јутјуб. Во 2018 година компанијата ја лансираше ИГТВ, посебна апликација наменета за подолги видеа. Таа никогаш не стекна поголема популарност и беше згасната во 2022 година.
Мосери призна дека и најновиот обид на Инстаграм за освојување на пазарот на долги видеосодржини веројатно ќе бара време за да се развие во вистинската насока. Сепак, тој порача дека Мета е „долгорочно многу посветена“ на оваа цел.
