Инфлацијата во Шпанија скокна на 4,9% – највисока од 2023, ЕЦБ под притисок

Растот на цените во Шпанија повторно забрзува, главно поради поскапувањето на горивата, додека инфлацијата во еврозоната исто така се зголемува поради енергетскиот шок.

Инфлацијата во Шпанија во септември се искачи на 4,9 отсто на годишно ниво, што е највисока стапка од февруари 2023 година. Според прелиминарните податоци на шпанскиот Национален институт за статистика, растот на цените е поттикнат пред сè од поскапувањето на горивата и мазивата, но и од повисоките цени на туристичките аранжмани.

Базичната инфлација, која ги исклучува најпроменливите цени на енергијата и храната, исто така забрзала – од 2,9 на 3,1 отсто. Шпанските податоци се меѓу првите сигнали за поширокото движење на инфлацијата во еврозоната. Во август, годишната инфлација во еврозоната достигна 3,2 отсто, додека инфлацијата кај енергентите се искачи на 14,3 отсто. Најновите податоци од големите економии покажуваат дека ценовните притисоци продолжиле и во септември.

Слично забрзување е регистрирано и во други големи економии. Во Франција инфлацијата во септември достигна 3,4 отсто, во Италија 4,1 отсто, а во Германија усогласената инфлација се искачи на 3,3 отсто.

Лагард: Нема автоматско зголемување на каматите

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, на сослушување пред Европскиот парламент изјави дека повисоките цени на енергијата ги зголемуваат инфлациските ризици, но дека засега нема докази оти енергетскиот шок се прелева во повисоки плати и поширока основна инфлација.

ЕЦБ претходно во септември ги зголеми трите клучни каматни стапки за 25 базични поени. Лагард, сепак, не најави автоматско продолжување на серијата зголемувања. „Не реагираме на цените на енергијата, туку на ризикот тие да се вградат во инфлацијата“, објасни таа, додавајќи дека централната банка ќе ги следи инфлациските очекувања, базичната инфлација и влијанието на монетарната политика врз економијата.

Според неа, инфлациските изгледи за 2027 и 2028 година се влошиле во однос на претходните проекции, главно поради повисоките цени на енергијата. Сепак, засега нема показатели дека тие повисоки трошоци се претвораат во забрзан раст на платите.

ЕЦБ во септемвриските проекции очекува просечната инфлација во еврозоната да достигне 3 отсто во 2026 година, 2,5 отсто во 2027 и 2,1 отсто во 2028 година.

Најновите податоци, меѓутоа, покажуваат дека патот назад кон целта од 2 отсто ќе биде потежок од очекуваното. Зголемените трошоци за енергија повторно се претвораат во главен ризик за европската економија, а следните одлуки на ЕЦБ ќе зависат од тоа дали ценовниот шок ќе остане ограничен или ќе почне пошироко да се прелева во економијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс