Горивото во Германија стигна до 2,40 евра, па растат и кражбите на бензинските

Операторите на бензинските станици велат дека сè повеќе возачи заминуваат без да платат. Некои сопственици поради кражбите почнале да ги затвораат станиците во текот на ноќта.

Високите цени на горивото во Германија доведоа до пораст на кражбите на бензинските станици, а дел од операторите веќе почнале да ги затвораат своите објекти во текот на ноќта. Информацијата ја објави германското здружение на оператори на бензински станици, според кое гориво крадат и помлади и постари лица.

„Очигледно психолошката граница за кражба падна откако цените се приближија до 2,40 евра за литар. Некои едноставно си заминуваат од бензинската без да платат“, изјави портпаролот на здружението Херберт Рабл.

Бензинските под камери, но кражбите продолжуваат

Кражбите продолжуваат и покрај тоа што речиси сите бензински станици во Германија имаат видеонадзор. Според германските медиуми, дел од поискусните сторители користат украдени регистарски таблички или ги покриваат своите таблички за да го отежнат идентификувањето.

Поради ризикот од кражби, дел од сопствениците одлучиле да не работат во текот на ноќта.

Горивото достигна рекордни цени

Во септември цените на дизелот и на бензинот Е10, кој содржи до 10 отсто биоетанол, во Германија достигнаа рекордни нивоа. Растот на цените на горивото во Германија, како и во други европски земји, се поврзува со влошувањето на безбедносната и транспортната ситуација во областа на теснецот Баб ел Мандеб, важна поморска рута за транспортот на енергенси.

Поскапувањето на горивото така веќе не се одразува само врз семејните буџети и транспортните трошоци, туку создава и дополнителни проблеми за операторите на бензинските станици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс