Инфлацијата во Шпанија расте петти месец по ред, енергенсите најмногу поскапуваат

Инфлацијата во Шпанија во јули достигна 3,6 отсто, највисоко ниво од мај 2024 година, поттикната од растот на цените на струјата и горивата.

Инфлацијата во Шпанија продолжува да расте петти месец по ред и во јули достигна 3,6 проценти, што е највисока стапка од мај 2024 година. Главниот притисок врз цените доаѓа од поскапувањето на електричната енергија и горивата.

Според податоците на шпанскиот Национален институт за статистика (INE), инфлацијата веќе пет месеци се задржува над три проценти, а економската состојба, заедно со проблемот со домувањето, останува меѓу најголемите грижи на граѓаните.

Струјата и горивата го туркаат растот на цените

Цената на електричната енергија во јули се искачи на околу 105 евра за мегават-час, при што е забележан најголемиот раст на годишно ниво од јули 2022 година.

Врз цените на енергенсите влијаат геополитичките тензии и проблемите со транспортот преку Црвеното Море и Ормускиот Теснец. Дополнителен притисок создаваат топлотните бранови, кои ја зголемуваат потрошувачката на електрична енергија поради интензивната употреба на клима-уреди.

Шпанија го намалува данокот на горивата

Шпанското Министерство за економија соопшти дека е активирано автоматско намалување на данокот на горивата откако годишниот раст на цената на дизелот надмина 15 проценти.

Даночното оптоварување ќе биде намалено за 20 центи по литар, наместо за досегашните пет центи.

Мерката, сепак, предизвика критики од дел од партиите лево од владејачката Социјалистичка партија, кои тврдат дека целосниот износ на намалувањето не секогаш стигнува до крајните потрошувачи.

Храната поскапува со побавно темпо

Подобри сигнали доаѓаат кај цените на храната. Годишната стапка на раст во јули изнесувала 1,6 проценти, што е за 0,3 процентни поени помалку отколку во јуни и најниско ниво од 2021 година.

Во јули биле забележани пониски цени на овошјето, зеленчукот и мешунките, додека облеката и обувките поевтиниле поради сезонските летни распродажби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс