Во 1905 година, Норвешка одлучувала дали да се отцепи од унијата со Шведска и да стане независна држава. Распишан е референдум. Мажите гласале, а жените не, затоа што немале право на глас. Но наместо да молчат, Норвежанките направиле нешто друго, тие организирале сопствена петиција и собрале близу 280.000 потписи за поддршка на норвешката независност.
Тие не го смениле резултатот, но светот видел нешто важно: жените се политички суштества. Разумни, организирани, патриотски насочени. Две години подоцна, во 1907, тие добиле право да гласаат на парламентарни избори, но само за оние кои имале доволно висок приход.
Гина Крог и почетокот на борбата
Приказната почнува во 1880-тите, во Кристијанија, денешно Осло. Гина Крог, учителка, новинарка и либерална политичарка, станала главно лице на борбата за женски права во Скандинавија. Во 1884 година, заедно со либералниот пратеник Хагбарт Бернер, ја основале Норвешката асоцијација за женски права, организација моделирана по американската National Woman Suffrage Association. Меѓу основачите имало 87 мажи и 84 жени, речиси сите истакнати јавни личности со либерални убедувања.
Крог не барала права чекор по чекор. Барала сè, веднаш и тоа право на глас за сите жени, без имотни услови. Таквата радикалност предизвикувала негодувања дури и во рамките на сопствените организации, па основала нови секогаш кога не можела да ја наметне својата позиција. Во 1885, го основала Здружението за женски глас (Kvindestemmeretsforeningen), потоа Националното здружение за женски глас (Landskvinnestemmerettsforeningen), секое со поостра програма од претходната.
Тактиката на притисок давала резултати: во 1901 жените добиле право да гласаат на општински избори, но само оние со имотен ценз. Три години подоцна следела петицијата за независноста.
1907: Половична победа
На 14 јуни 1907 година, норвешкиот Стортинг (парламентот) им дал право на глас на жените на парламентарни избори, но со ограничување: само оние чии мажи или тие самите заработувале над одреден праг. Бил тоа класен компромис: конзервативците ги поддржале затоа што верувале дека богатите жени ќе гласаат конзервативно. Биле во право, на изборите во 1909, жените од средната класа гласале толку конзервативно што тоа го одредило исходот на изборите.
Но иронично, токму тоа ги убедило политичарите дека жените гласаат одговорно, разумно и предвидливо. Аргументот дека не треба да гласаат почнал да се топи.
1913: Норвешка станала прва независна држава со универзално женско гласање
Во 1913 година, Стортингот гласал за универзално право на глас за жените, без имотен цензус, без ограничувања. Гласањето беше едногласно. Ниту еден пратеник не зборувал против. Норвешка така станала прва независна земја со универзално женско право на глас, подредено само по Нов Зеланд (1893) и Австралија (1902), кои тогаш сè уште биле британски колонии, и Финска (1906), која тогаш сè уште била под руска круна.
Парадоксот е дека кога поголемиот весник „Афтенпостен” ја објавил веста, ја споменал само во краток, незабележлив пасус.
Од Нов Зеланд до Саудиска Арабија — 122 години
Норвешката приказна е еден дел од поголемата слика. Во 1893 година, Нов Зеланд станал прва самоуправна земја која на жените им дала право да гласаат по години на петиции предводени од Кејт Шепард, која собирала потписи ширум земјата сè додека предлогот со 32.000 имиња не бил претставен пред парламентот. Во 1906 Финска им дала на жените право и да гласаат и да бидат избирани и е прва земја во светот. Велика Британија и САД чекале до по Првата светска војна, 1918 и 1920.
Меѓутоа, историјата е нерамомерна. Многу земји го добиле женското право на глас автоматски при деколонизацијата по 1950 без вистинска борба на жените и без политичка трансформација. Последна земја која го воведе правото на глас за жени беше Саудиска Арабија, во декември 2015 година, за општини избори. Единственото место во светот каде жените сè уште не можат да гласаат е Ватикан каде изборот на папа го вршат исклучиво машки кардинали.
Помеѓу Нов Зеланд во 1893 и Саудиска Арабија во 2015 поминале точно 122 години.
Победата доаѓа и потоа продолжува борбата
Гина Крог умрела во 1916, три години откако Норвешка го воведе универзалното женско право на глас. Го видела крајот на онаа конкретна борба. Но и самата знаела дека правото на глас е само почеток: во Норвешка, прва жена во Стортингот влегла дури во 1922 година. Во Норвешката женска историја, законот за абортус бил изборен дури во 1978 десетлетија по гласањето.
Правото на глас го отворило вратата. Тоа не ги изградило просториите.