2.200 луѓе се разболеа во Гостивар: Како вода од Вардар заврши во градскиот водовод?

Над 2.000 граѓани побарале лекарска помош за неполна недела, откако инспекција откри нелегално поставена пумпа што вбризгувала вода од Вардар во градскиот водовод. Причината сè уште официјално не е потврдена.

Гостивар веќе неколку дена се соочува со сериозна здравствена криза. Над 2.000 жители побарале медицинска помош поради повраќање, дијареа, температура и болки во стомакот, а само во последните 24 часа во градската болница се јавиле уште 260 лица. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) воведе привремена забрана за употреба на водата за пиење од градскиот водовод, откако инспекциски надзор откри нелегално поставена пумпа што директно вбризгувала вода од реката Вардар во водоснабдителниот систем. Официјална потврда за причината сè уште нема, се чекаат резултатите од лабораториските анализи на Институтот за Јавно здравје чии екипи се на терен.

Што се случи во Гостивар?

Според инспекцискиот надзор, спроведен вечерта на 16 јули во селото Вруток, каде што се наоѓа пречистителната станица за вода на градот, била откриена пумпа поставена без одобрение, која директно вбризгувала вода од реката Вардар во главниот цевковод на водоводната мрежа. АХВ веднаш воведе привремена забрана за користење на водата за пиење, „до добивање на резултатите од лабораториското тестирање со кое ќе се потврди нејзината безбедност“.

Полицијата во Тетово потврди дека постапува по пријава за можно кривично дело „загадување на вода за пиење“, казниво по член 219 од Кривичниот законик, а случајот го следи и Јавното обвинителство во Гостивар.

Спротивставени тврдења додека анализите сè уште траат

Гостиварскиот градоначалник Валбон Лимани, преку јавна објава, наведе дека според редовните анализи на ЈП „Комуналец“, досега испитаните примероци од водата покажувале вредности во рамките на законски дозволените параметри.По пријавата, обвинителството, полицијата и другите надлежни институции зеле нови примероци за дополнително лабораториско испитување, чии резултати сè уште не се објавени.

Градоначалникот истовремено ги демантираше тврдењата дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, наведувајќи дека на посочената локација воопшто нема канализациска мрежа. Министерот за здравство Сашо Клековски порача дека нема да биде прогласена епидемија сè додека стручно не се утврди точната причина за големиот број заболени.

Микробиологот Никола Пановски смета дека во Гостивар има епидемија на гастроентеритис и упати критики до епидемиолошките служби поради, како што наведува, непостапување во ситуација со голем број заболени.

Во објава на социјалните мрежи, Пановски наведува дека според негова проценка околу 1.500 лица се регистрирани со исти симптоми, а уште најмалку 5.000 граѓани не побарале лекарска помош.

„Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. 1.500 регистрирани со исти симптоми и најмалку уште 5.000 кои не се јавиле на лекар. Во еден град оболеле 30 проценти од населението од иста болест и нема услови за прогласување на епидемија. “ напиша Пановски.

Додека трае истрагата, Град Скопје испрати цистерни со вода за пиење за жителите на Гостивар. Институциите повикуваат на строго почитување на забраната за користење на водата, вклучително и за подготовка на храна, сè до официјална потврда дека системот е безбеден.

Втор случај во истиот период – труење во фабрика во Скопје

Додека трае кризата во Гостивар, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во својот редовен билтен потврди и посебен случај на алиментарна токсоинфекција, петнаесет вработени во иста фабрика во Скопје се разболеле, а тројца биле хоспитализирани.

За разлика од случајот во Гостивар, каде што причината сè уште се истражува, ИЈЗ веќе го поврзува фабричкиот случај со класичните ризици на летниот период, неправилно чување на храната на несоодветна температура.

Кои бактерии и вируси најчесто предизвикуваат вакви труења

Според ИЈЗ, летниот период и високите температури значително го зголемуваат ризикот од заболувања што се пренесуваат преку храна и вода, без разлика дали причината е загадена вода, како во Гостивар, или неправилно ракување со храна, како во случајот со фабриката.

Салмонелозата, предизвикана од Salmonella enteritidis, најчесто потекнува од недоволно термички обработени јајца, месо или млечни производи.

Стафилококната интоксикација (Staphylococcus aureus) настанува кога храната подолго време стои на несоодветна температура – токму сценариото што е типично за летните месеци.

Кампилобактериозата најчесто се пренесува преку сирово или недоволно термички обработено пилешко месо и непастеризирано млеко, додека одредени соеви на Escherichia coli, вклучувајќи го и опасниот ЕХЕЦ, можат да потекнуваат од недоволно обработено месо, но и од контаминирано свежо овошје и зеленчук.

На листата на причинители се наоѓаат и шигелозата и тифусната треска, кои се шират преку загадена вода и нечисти раце сценарио особено релевантно кога е загрозен цел водоснабдителен систем, како во Гостивар.

Хепатитисот А може да се пренесе преку загадена вода, овошје, зеленчук или школки, а норовирусите и ротавирусите, чести причинители на гастроентеритис, се шират и преку контакт со заразени површини или лица.

Посебно е издвоена листериозата, која може да потекнува од непастеризирано млеко, недоволно обработено месо или чадена риба, но и од директен контакт со заразени животни или контаминирана почва.

Кој е најзагрозен и кога да се побара лекарска помош?

Според ИЈЗ, најосетливи на труење со храна и вода се децата, постарите лица, бремените жени и лицата со ослабен имунитет. Најчестите симптоми се повраќање, дијареа, треска, главоболка, вртоглавица, болки во мускулите и стомачни грчеви, речиси идентични со оние што ги пријавуваат заболените граѓани во Гостивар.

Институтот советува при сомнеж за труење со храна или вода веднаш да се побара матичен лекар или најблиска здравствена установа. Во меѓувреме, треба да се внесуваат доволно течности за да се спречи дехидрација, да се мирува и да се применува симптоматска терапија по препорака на стручно лице.

Пет чекори за безбедна храна и вода

ИЈЗ ги издвојува клучните принципи што треба да ги применува секое домаќинство. Прво, чистота – миење на рацете со сапун најмалку 20 секунди пред подготовка на храна, пред јадење и по користење на тоалет. Второ, одделување на сировата од готовата храна, користење посебни даски и ножеви, а сировото месо да се чува затворено во фрижидер. Трето, темелна термичка обработка, месото, живината, јајцата и морските плодови да достигнат внатрешна температура од најмалку 70°C. Четврто, чување на безбедна температура, подготвената храна да не стои на собна температура повеќе од два часа, односно повеќе од еден час кога надворешната температура е над 32°C и петто, безбедна вода и суровини, користење здравствено исправна вода за пиење, миење на овошјето и зеленчукот со безбедна вода и употреба на пастеризирано млеко.

Во ситуации како онаа во Гостивар, кога е воведена официјална забрана за користење на водата, ИЈЗ препорачува исклучиво употреба на превриена или флаширана вода, и за пиење и за подготовка на храна, миење овошје и зеленчук, како и за лична хигиена поврзана со устата, сè до официјалното известување дека водоснабдителниот систем повторно е безбеден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс