Шефот на ИЕА предупредува: последиците од војната со Иран ќе се чувствуваат со години

И ако Ормускиот теснец повторно се отвори, цените на енергенсите нема брзо да се вратат во нормала, а закрепнувањето на производството на Блискиот Исток може да трае околу две години

Светот треба да се подготви за подолг период на нестабилни енергетски пазари, дури и ако кризата околу Ормускиот теснец почне да се смирува. Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија Фатих Бирол предупреди дека, ако не се обнови слободната пловидба низ теснецот, цените на енергенсите може значително да пораснат, а и во случај на отворање, пазарите нема веднаш да се вратат во нормала.

Бирол оцени дека пазарите досега го потценувале ефектот од војната, делумно затоа што танкерите со нафта и гас што веќе биле испратени пред почетокот на конфликтот успеале да стигнат до своите дестинации и привремено да го ублажат ударот. Но, предупреди дека нови испораки во март речиси и да немало, што сега почнува да се чувствува низ синџирите на снабдување.

Според неговата проценка, за обновување на изгубеното енергетско производство на Блискиот Исток ќе бидат потребни околу две години, и тоа под услов кризата да не се продлабочи дополнително. Темпото на закрепнување, вели тој, нема да биде исто во сите земји. Во Ирак, на пример, процесот би можел да трае значително подолго отколку во Саудиска Арабија.

Ова предупредување доаѓа само ден откако Бирол во интервју за Associated Press изјави дека Европа можеби има уште околу шест недели резерви на авионско гориво, што дополнително ја засили загриженоста дека енергетската криза веќе не е само прашање на цени, туку и на физичко снабдување. AP наведува дека затворањето на Ормускиот теснец веќе отвора ризик од поскапи летови, откажувања и поширок економски удар.

Бирол порача дека светска економија вредна 110 трилиони долари не смее да биде заложник на неколку вооружени актери и дека актуелната криза само покажала колку тој ризик бил реален.

Иако цените на нафтата денес благо се намалија поради надежите за нови разговори и можно смирување на фронтот, аналитичарите предупредуваат дека тоа не значи крај на кризата. Пазарите реагираат на дипломатските сигнали, но штетата врз производството, логистиката и снабдувањето би можела да се чувствува уште долго.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни