Идентификувани двајца напаѓачи од Лајпциг поврзани со руските служби

Истражителите склопија сложувалка со италијанска виза издадена во Минск, додека руските агенти за еднократна употреба веќе ја напуштија земјата.
Фото: EPA/FILIP SINGER

Германските истражители идентификуваа двајца мажи осомничени за обидот за саботажа на аеродромот Лајпциг/Хале, поврзувајќи ги директно со руските безбедносни структури. Инцидентот се случи ноќта меѓу 4 и 5 август, кога дрон со експлозив удри во крилото на украински товарен авион Антонов. Осомничените дејствувале како наемни оперативци, а германските власти веќе ги реконструираа нивните движења низ европските граници.

Истрагата на Сојузната криминалистичка служба (БКА) утврди дека еден од осомничените поседува и руски пасош. Тој влегол во Германија користејќи италијанска туристичка виза, издадена кон крајот на април во италијанското дипломатско претставништво во Минск. Според сознанијата на германските медиуми, тој ја напуштил Германија два дена пред да биде извршен нападот.

Истражителите пронајдоа вкупно три дрона или нивни остатоци во безбедносната зона на аеродромот. Дел од леталото со експлозив завршил на крилото на украински авион Антонов, во непосредна близина на резервоарот за гориво. Експлозијата за среќа не предизвикала палење на керозинот.

Германските безбедносни служби случајот го опишуваат како класичен образец на руска хибридна војна. Наместо професионални разузнавачи со дипломатски статус, Москва сè почесто ангажира лица од криминалното подземје или ситни агенти за еднократна употреба. Овие поединци добиваат паричен надомест и логистички упатства преку шифрирани канали за да извршат подметнувања и саботажи.

Берлин не очекува дека осомничените наскоро ќе се најдат пред германски суд. Ваквите оперативци брзо се повлекуваат на територии надвор од европска јурисдикција, слично како во претходните случаи со сајбер нападот врз Бундестагот во 2015 година.

Како директен одговор на инцидентот во Лајпциг, германската влада најави затворање на рускиот генерален конзулат во Бон, како и прекин на работата на Рускиот дом за наука и култура во Берлин. Шефот на германската дипломатија порача дека земјата нема да дозволи обиди за заплашување и дестабилизација на клучната транспортна инфраструктура.

Амбасадата на Русија во Берлин ги отфрли сите обвинувања, нарекувајќи ги тврдењата избрзана провокација и дел од бран на непријателска реторика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс