Колку кафе дневно е идеално за помалку анксиозност?

Истражување покажува дека две до три шолји кафе дневно може да имаат позитивен ефект, но поголемите количини можат да ја зголемат анксиозноста.

Пиењето две до три шолји кафе дневно е поврзано со помал ризик од анксиозност, покажува ново истражување објавено во научното списание „Џурнал оф афектив дисордерс“. Сепак, експертите предупредуваат дека поголемите количини може да предизвикаат нервоза и нарушен сон.

Истражувањето покажало дека умереното количество кафе може да има одредени позитивни ефекти врз расположението и менталната благосостојба. Според експертите, таканаречената „златна средина“ од две до три шолји дневно се совпаѓа и со општите препораки за внес на кофеин.

Надминувањето на оваа количина, особено кај луѓето чувствителни на кофеин, може да доведе до несоница, нервоза и зголемена анксиозност. Сепак, реакцијата е индивидуална, па некои луѓе може да почувствуваат несакани ефекти и по помала количина.

Интересно е што резултатите биле слични и кај различни видови кафе, вклучително и безкофеинското. Тоа укажува дека можните позитивни ефекти не се поврзани само со кофеинот, туку и со други состојки на кафето, како антиоксидансите и биоактивните соединенија.

Експертите, сепак, нагласуваат дека истражувањето е од набљудувачки карактер и не докажува дека кафето директно ја намалува анксиозноста. На менталното здравје влијаат и исхраната, спиењето, физичката активност и стресот.

Затоа, кафето не треба да се смета за лек против анксиозност или депресија. Најважно е секој човек да ја земе предвид сопствената реакција на кофеин и да не претерува со неговото консумирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс