Нивото на радијација во нуклеарната централа Запорожје нуклеарна електрана останува во нормални граници и покрај сомневањата дека објектот бил погоден од дрон, соопшти Меѓународна агенција за атомска енергија. Експертите на агенцијата, кои постојано се наоѓаат во електраната, извршиле увид во надворешниот дел од погодената турбинска сала и утврдиле траги што се совпаѓаат со можен удар од беспилотно летало.
– Набљудувањата на тимот се во согласност со сомневањата за удар од дрон – соопшти МААЕ.
Инспекторите забележале остатоци од изгорени оптички влакна, оштетување на метален пристапен отвор во објектот, како и неколку парчиња шрапнели и други остатоци од експлозија. Сепак, според агенцијата, не е регистрирано зголемување на нивото на радијација ниту пак постои непосредна опасност за нуклеарната безбедност. Според управата на централата, поставена од Москва, дронот удрил во турбинската сала на шестиот реактор. Истото го потврди и Алексеј Лихачов, првиот човек на Росатом.
Руската страна ја обвини украинската армија за нападот, тврдејќи дека бил употребен дрон управуван преку оптички влакна. За ваквите тврдења не беа презентирани јавни докази. Од друга страна, украинската војска ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како дел од руските обиди за „нуклеарна уцена“ и создавање дополнителен притисок врз меѓународната заедница.
Нуклеарната централа Запорожје, сместена во југоисточна Украина, е најголемата нуклеарна електрана во Европа. Таа располага со шест реактори и вкупен капацитет од околу 6.000 мегавати. Руските сили ја презедоа контролата врз централата во првите недели од инвазијата врз Украина во февруари 2022 година. Оттогаш, сите шест реактори се исклучени од работа поради безбедносни причини, додека објектот останува една од најчувствителните точки во конфликтот.
МААЕ и понатаму апелира до двете страни да избегнуваат воени активности во близина на нуклеарните постројки, предупредувајќи дека секој инцидент може да претставува сериозен ризик за безбедноста на регионот и пошироко.