TikTok најави воведување на објави само со текст, со што стана најновата технолошка компанија која сака да профитира од луѓето кои можеби бараат алтернатива на Twitter.
Платформата за споделување видеа TikTok во понеделникот објави дека сега ќе им овозможи на корисниците да создаваат „содржина базирана на текст“, во потег што го карактеризира како „проширување на границите на создавање содржина за сите на TikTok“ и „давање на пишаната креативност што ја видовме во коментарите, натписите и видеата посебен простор“.
Корисниците ќе можат да додаваат и обоени позадини и налепници на објавите, кои имаат ограничување од 1.000 зборови. Variety ја спореди функцијата со Instagram, каде што наместо да се олесни разговорот, објавите едноставно може да се коментираат.
Веб-страницата TechCrunch објави дека воведувањето на функцијата „најверојатно ќе е за конкуренција на Twitter (сега X) и на Threads“. Во својата последна промена од купувањето на Twitter во октомври, Илон Маск ја ребрендираше компанијата во X оваа недела, во потег кој коментаторите го означија како „екстремно ризичен“.

Twitter страда финансиски, објавувајќи во јули дека неговите приходи од реклами се намалиле за 50 отсто. Ривалските технолошки компании го искористија перцепираниот хаос и пресврт од купувањето на Twitter од Маск како можност да привлечат дел од неговата база на корисници и да лансираат ривалски платформи.
Threads е апликација заснована на текст на Instagram, која ја користи постоечката база на корисници на Instagram и беше лансирана со голема помпа претходно овој месец. Додека Threads забележа 100 милиони луѓе кои се регистрираа за помалку од пет дена по неговото лансирање, бројот на активни дневни корисници оттогаш падна за 70 отсто, објави Форбс.
TikTok има нешто повеќе од милијарда корисници, според веб-страницата на компанијата, додека Instagram има 2,3 милијарди корисници.
Публиката на TikTok е помлада од онаа на Инстаграм, а британското набљудувачко тело за комуникации оваа недела откри дека тој е извор на вести број еден за млади од 12 до 15 години, а потоа следат YouTube и Instagram.
Сепак, TikTok се соочи со критики за неговите врски со Кина, при што владите на Канада, САД, Велика Британија и Австралија ја ограничија апликацијата на уредите во сопственост на владата. Оваа недела, компанијата откри дека нејзините вработени со седиште во Кина можат да пристапат до некои австралиски кориснички податоци.
Извор: The Guardian