„Алфабет“, матичната компанија на „Гугл“, се соочува со сè поголем притисок од инвеститорите поради огромните трошоци за развој на вештачката интелигенција. За да го ублажи финансискиот товар, компанијата одлучи да им понуди на дел од вработените низ светот можност доброволно да ја напуштат работата со соодветна отпремнина.
Програмата, која минатата година започна во САД и Велика Британија, од летово е проширена и на вработените во Канада, Франција, Германија, Јапонија и Швајцарија. Од раководството велат дека ова е можност за оние што повеќе не се пронаоѓаат во актуелното темпо и насоката во која се движи компанијата.
Цената на развојот на вештачката интелигенција
Иако вкупниот број вработени во „Алфабет“ расте, компанијата се обидува да ги пренасочи ресурсите кон областите што ги смета за приоритетни. Според изјавите на финансиската директорка Анат Ашкенази, главните приоритети за вработување остануваат компјутерските услуги во облак и вештачката интелигенција.
Поради тоа, вработените во одделите „Гугл клауд“ и „Дипмајнд“ се целосно исклучени од програмата за доброволно заминување. Очигледно, раководството сака да ги задржи клучните инженери на проектите од кои зависи идната конкурентност на компанијата.
Точниот број вработени што ја прифатиле понудата не е јавно објавен, но познати се условите на пакетите за некои пазари. На пример, вработените во големиот инженерски центар во Швајцарија, каде што „Гугл“ има околу 5.000 работници, добиле понуда што предвидува една месечна плата за секоја година работен стаж. Максималниот износ на отпремнината е ограничен на 12 месечни плати. Првите вработени што ги прифатиле условите почнале да ја напуштаат компанијата во август.
И Мајкрософт понуди доброволни отпремнини
„Гугл“ не е единствениот технолошки гигант што посегнува по вакви мерки во трката за доминација во областа на вештачката интелигенција. Неодамна слична програма покрена и „Мајкрософт“, кој понуди доброволни отпремнини за околу 60.000 свои вработени. Станува збор за голем број луѓе, со оглед на тоа што програмата опфаќа значителен дел од вкупната глобална работна сила на компанијата. Понудата ги опфати тимовите во САД, Канада, Велика Британија и Индија, а беше наменета за вработени до одредено ниво на работен стаж и позиција.
Како и „Гугл“, „Мајкрософт“ се обидува да најде рамнотежа меѓу рекордните приходи и огромните капитални вложувања во инфраструктурата на центрите за податоци и вештачката интелигенција, кои се мерат во десетици милијарди долари. Двете компании имаат јасна стратегија: пренасочување на средствата од традиционалните работни позиции кон инвестиции во компјутерска моќ.
