Хрватска ги заострува граничните проверки, правилата важат и за Македонците

Новите правила се однесуваат на стоката што влегува во ЕУ, но патниците од Македонија треба да внимаваат и на ограничувањата за храна, цигари, алкохол и вредноста на личниот багаж.

Хрватска започна со целосна примена на новите европски правила за внесување стока во ЕУ преку патен и железнички сообраќај. Промените најмногу ги засегаат превозниците и компаниите, но за патниците од Македонија остануваат важни и строгите царински ограничувања за храна, цигари, алкохол и вредност на личниот багаж.

Главната новина е задолжителната скратена декларација за влез, која мора да се поднесе пред стоката да пристигне на границата на ЕУ. За патниот транспорт рокот е најмалку еден час пред пристигнување на граничниот премин. Обврската првенствено ја има превозникот, но може да ја поднесе и примачот на стоката или овластен претставник, доколку има активен EORI број.

Патниците не треба да поднесуваат ваква декларација за личниот багаж, но мора да ги почитуваат вредносните лимити за ослободување од царина и ДДВ. Лимитот е 430 евра за патници во авионски и поморски сообраќај, 300 евра за патници во патен и железнички сообраќај и 150 евра за патници помлади од 15 години.

Построги се правилата за храна од животинско потекло. Патниците кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ, вклучително и Македонија, не смеат да внесуваат месо, млеко, ниту месни и млечни производи. Дозволени се ограничени количини одредени производи, како мед, јајца, храна за бебиња и специјална храна за миленичиња, доколку се за лична употреба.

За полнолетни патници во патен сообраќај важат и ограничувања за акцизни производи. Дозволено е внесување до 40 цигари, еден литар силен алкохолен пијалак или два литра пијалак до 22 отсто алкохол, како и четири литри вино и 16 литри пиво. Непријавените производи што ги надминуваат дозволените количини може да бидат одземени, а патникот да се соочи со казна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс