Според објавите на пумпите, максималната количина по едно точење изнесува 300 литри.
„Ве известуваме дека од 24 јули 2026 година се воведува привремено ограничување на продажбата на гориво, кое ќе биде на сила до понатамошно известување. Максималната количина гориво по едно точење изнесува 300 литри”, стои во објавата на една од пумпите на ИНА, пренесува хрватскиот портал Индекс.
Слични известувања биле забележани и на пумпите на Петрол. Според истарскиот портал Регионалекспрес, на пумпата на Петрол во улицата Мутилска во Пула ограничувањето важи од истиот ден. Ниту ИНА, ниту Петрол првично не го образложиле разлогот во самите објави.
По прашање упатено од Индекс, ИНА одговорила дека ограничувањето до 300 литри по трансакција е воведено „како одговорен снабдувач”, со цел да се одржи континуитетот на снабдувањето во услови на зголемено барање поради туристичката сезона и растечка неизвесност на меѓународните пазари. Ограничувањето не важи на автопатите и за точење на пловни објекти.
Компанијата додала дека рафинеријата во Риека работи стабилно и произведува доволни количини бензин, дизел и млазно гориво, а ИНА има доволни залихи за снабдување на пазарот во нормални услови. Индекс сè уште го чекал одговорот од Петрол во моментот на објавување на веста.
Според моменталниот модел на пресметка, литарот Еуросупер 95 би поскапел за единаесет центи, на 1,65 евра. Поголем скок се очекува кај Еуродизелот, чија цена би можела да достигне 1,81 евра по литар, зголемување од дваесет и два цента. Плавиот дизел би поскапел за дваесет и четири центи, на 1,26 евра по литар.
Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ потврди дека цените на горивото ќе растат. На седница во понеделник, тој рече дека можностите на Владата се ограничени.
„Ќе го направиме она што можеме, а нашите можности се ограничени, но ќе продолжиме да ги субвенционираме граѓаните и стопанството”, изјави Пленковиќ.