Што да јадете во лето за подобра хидратација?

Откријте кои намирници богати со вода помагаат за подобра хидратација во текот на летото и истовремено обезбедуваат важни витамини и антиоксиданси.

Освен водата, и правилниот избор на намирници може да помогне телото да остане хидрирано во текот на жешките летни денови.

Во летните месеци организмот губи повеќе течности, па покрај доволниот внес на вода, важно е и што се наоѓа на вашата чинија. Според Health.com, околу 20 проценти од дневниот внес на течности доаѓа токму преку храната, а некои намирници се особено богати со вода и хранливи материи.

Краставиците, тиквичките и целерот содржат околу 95 проценти вода и се меѓу најдобрите избори за освежување и хидратација. Покрај тоа, обезбедуваат витамини, минерали и антиоксиданси кои придонесуваат за здравјето на коските, имунитетот и заштитата на клетките.

Доматите, исто така, се одличен извор на течности и содржат витамини А и Ц, калиум и антиоксиданси кои можат да помогнат во намалување на воспалителните процеси и заштита на организмот од оксидативен стрес.

Зелката, која содржи повеќе од 90 проценти вода, е богата со соединенија што го поддржуваат имунолошкиот систем и придонесуваат за заштита на клетките. Најдобро е да се консумира свежа, бидејќи така ги задржува најголемиот дел од хранливите состојки и водата.

Со комбинирање на овие намирници со доволен внес на вода, организмот полесно ќе ја одржи потребната хидратација и ќе се справи со високите летни температури.

е-Трн да боцка во твојот инбокс