Хоспитализирани дел од активистите од флотилата за Газа

Според организаторите од Глобалната флотила Сумуд, документирани се најмалку 15 случаи на сексуална злоупотреба врз активисти

Активистите кои беа ослободени од израелски притвор откако беа приведени на флотила што се обиде да достави помош во Газа тврдат дека биле злоупотребени, а некои од нив биле хоспитализирани, додека најмалку 15 лица изјавија дека биле жртви на сексуална злоупотреба, вклучително и силување, објавија денес организаторите.

Израелската затворска служба ги негираше обвинувањата, велејќи дека сите затвореници се третираат во согласност со законот и им се обезбедува медицинска нега, додека обвинувањата за злоупотреба сè уште не се независно потврдени.

Германија соопшти дека некои од нејзините државјани се повредени и ги нарече некои од обвиненијата „сериозни“, додека италијански правни извори изјавија дека обвинителите истражуваат можни кривични дела, вклучувајќи киднапирање и сексуална злоупотреба, објави Ројтерс.

Според организаторите од Глобалната флотила Сумуд, документирани се најмалку 15 случаи на сексуална злоупотреба, а најсериозните инциденти се случиле на израелски брод кој се користел како импровизиран затвор.

Обвиненијата вклучуваат тепања, навреди и сексуално понижување, како и обвинувања за силување и присилна пенетрација, што израелските власти ги негираат.

Израелската војска упати прашања до Министерството за надворешни работи, кое ги препрати до затворската служба.

Како дел од операцијата, израелските сили уапсија 430 лица од 50 бродови во меѓународни води откако се обидоа да достават хуманитарна помош во Појасот Газа.

Неколку европски земји побараа објаснувања и најавија можни дипломатски мерки, додека некои влади собираат изјави од ослободените активисти и спроведуваат истраги за наводите за злоупотреба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс