Google Wallet се поврзува со пребарувањето на Google

Со дозвола од корисникот, режимот со вештачка интелигенција ќе може да користи податоци за трошењето и за поволностите на картичките. Google Drive и Gemini ќе се приклучат во следните недели

Google почна постепено да го поврзува Google Wallet со AI Mode, режимот за пребарување во кој вештачката интелигенција одговара на прашања. Кога корисникот ќе ја вклучи опцијата, пребарувањето ќе може да ги земе предвид неговите навики за трошење и поволностите од картичките додадени во дигиталниот паричник. Компанијата го најави воведувањето на 23 ноември.

Како Google Wallet ќе ги менува одговорите

Корисникот, на пример, ќе може да праша која од неговите картички нуди поволности за патување или каде може да ги намали секојдневните трошоци. Одговорот ќе се приспособи според податоците достапни преку поврзаниот паричник. Меѓу примерите што ги наведува Google се поврат на дел од потрошените пари, наградни поени и поволности за патувања.

Според компанијата, AI Mode добива пристап само за читање на податоците. Режимот нема овластување да извршува плаќања, да префрла средства или да управува со парите на корисникот.

Следни се документите од Drive и разговорите во Gemini

Google планира во следните недели да додаде поддршка и за Google Drive. Со дозвола од корисникот, AI Mode ќе може да користи информации од документи, табели и PDF-датотеки при составувањето одговор. Поврзувањето со Gemini, пак, ќе овозможи пребарувањето да земе предвид и претходен разговор во апликацијата. Така, корисникот ќе може да продолжи со истражувањето на некоја тема без повторно да ги внесува сите детали.


Апликациите се избираат поединечно во поставките за персонализација на пребарувањето, во делот Connected Apps, и секоја врска може да се исклучи. Google најави и ознака под персонализираните одговори преку која корисниците ќе можат да проверат кои информации биле земени предвид.

е-Трн да боцка во твојот инбокс