Норвешка доби нов крал: Хокон VIII на тронот доаѓа во тежок период за кралското семејство

Престолонаследникот Хокон стана крал Хокон VIII по смртта на неговиот татко, кралот Харалд V, кој почина на 89 години. Новиот 53 годишен крал ја презема функцијата во период кога норвешката монархија се соочува со серија семејни скандали и пад на јавната поддршка.
Screenshot

Хокон VIII веднаш го наследи својот татко Харалд V, кој почина денеска во Националната болница во Осло. Харалд беше на норвешкиот престол од 1991 година, а беше познат како монарх кој ја модернизираше кралската институција и уживаше голема популарност меѓу граѓаните. 

Новиот крал има 53 години и веќе има долгогодишно искуство со државничките обврски. Во последните години, поради влошеното здравје на неговиот татко, Хокон во повеќе наврати го заменуваше како регент.

Иако денес е крал, животот на Хокон можел да изгледа сосема поинаку. Како дете сонувал да има продавница за играчки, а подоцна станал познат и по својата љубов кон сурфањето и скијањето. Во едно интервју дури рекол дека, доколку не бил член на кралското семејство, веројатно би бил сурфер. 

Хокон студирал политички науки на Универзитетот во Калифорнија во Беркли, а магистрирал развојни студии на Лондонската школа за економија и политички науки. Завршил и Кралска норвешка поморска академија и програма на Министерството за надворешни работи за идни дипломати. 

Посебно внимание во неговиот живот предизвика бракот со Мете Марит Чесем Хојби. Двајцата се запознале во 1999 година, а нивната врска во тоа време предизвикала поделени реакции во норвешката јавност.

Мете Марит била самохрана мајка кога ја започнала врската со Хокон, а нејзиното минато и кругот на луѓе со кои се дружела биле предмет на силен медиумски интерес. И покрај контроверзите, Харалд V му дал дозвола на својот син да се ожени со неа. Двајцата се венчале во август 2001 година.

Денес Мете Марит станува кралица, но токму нејзиното семејство е во центарот на дел од проблемите со кои ќе се соочи новиот крал.

Нејзиниот син од претходна врска, Мариус Борг Хојби, неодамна беше осуден на четири години затвор откако беше прогласен за виновен за силување и насилство, што дополнително ја наруши сликата за кралското семејство. 

Дополнителен притисок предизвикаа и информациите за контактите на Мете Марит со Џефри Епстин. Таа јавно се извини за одржувањето на контактот со него и призна дека направила грешка. Мете Марит не е обвинета за кривично дело поврзано со Епстин. 

Проблемите во семејството не завршуваат тука. Сестрата на Хокон, принцезата Марта Луиз, со години предизвикува внимание со своите духовни тврдења, а во 2024 година се омажи за Американецот Дурек Верет, кој се претставува како шаман и исцелител. Таа претходно се повлече од официјалните должности во кралското семејство. 

Хокон VIII затоа ја презема круната во особено чувствителен момент. Неговата задача нема да биде само да ја продолжи традицијата на норвешката монархија, туку и да се обиде да го врати нарушеното доверие во институцијата.

По неговото стапување на престолот, неговата 22 годишна ќерка Ингрид Александра станува престолонаследничка и прва во редот за норвешкиот трон. 

Норвешката монархија во моментов има главно церемонијална улога, додека политичката власт ја има избраниот парламент. Сепак, кралското семејство има значајна симболична улога во земјата, па од новиот крал се очекува да ја зачува таа позиција во период на зголемено внимание кон неговото семејство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс