Британски „Телеграф“ најави 100 отпуштања и трансформација во медиум движен од вештачка интелигенција

Британскиот весник „Телеграф“ планира да го намали бројот на вработени во рамките на стратегијата за трансформација во глобална медиумска компанија што ќе користи вештачка интелигенција (ВИ). Околу 100 вработени би можеле да останат без работа, главно во редакциите за култура и спорт.

Одлуката следува откако германската медиумска групација „Аксел Шпрингер“ летово го купи „Телеграф“ за 769 милиони долари, пренесува Хина.

Во електронска порака испратена до вработените, раководството на компанијата соопштило дека морало да донесе тешки одлуки за иднината на весникот.

„Телеграф имаше ограничени можности за инвестирање, приспособување и движење во насоката што ја бара пазарот. Нашата амбиција е од водечки британски весник да го трансформираме во глобален медиум управуван со помош на вештачка интелигенција, заснован на вистинско новинарство, директен однос со публиката и експертиза што нè издвојува од другите“, навела Каролин Хулсхоф Пол, извршна директорка на „Телеграф медија груп“.

Таа додала дека за остварување на оваа амбиција компанијата мора да го промени начинот на организација и донесување одлуки, подобро да ги насочи ресурсите и да ја зголеми ефикасноста.

Новиот сопственик најавува дигитална трансформација

„Телеграф“ доби нов сопственик во јуни годинава, по три турбулентни години во кои се бараше решение за иднината на медиумот.


„Аксел Шпрингер“ претходно соопшти дека планира да ја забрза дигиталната трансформација на весникот, да ја искористи вештачката интелигенција за раст на компанијата и да го прошири неговото присуство на американскиот пазар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс