Во свет што сè почесто нè турка да пораснеме премногу брзо, студентската филмска платформа ХИ-ФИ годинава повикува на враќање кон игралиштето. Под мотото „Join the Playground“, третото издание на платформата се одржува од 1 до 3 јуни во КОТУР кафе и филм, како простор за филм, разговор, заедница и млад авторски глас.
„Годинава мотото ‘Join the Playground’ означува покана до сите да дојдат и преку филмскиот фестивал да поразговараат со детето во себе, а понатаму да се поврземе и сплотиме на еден различен начин од тоа што вообичаено го правиме“, вели Мартина Петреска, организаторка на ХИ-ФИ.
Програмата носи кратки домашни студентски филмови, меѓународна селекција со автори од Србија, Словенија, Бугарија и Италија, Q&A сесии со дел од авторите, музичка програма и дискурзивен дел посветен на независното создавање филм и култура.
Во фокусот на ова издание се младите филмски автори и нивните први, храбри, несовршени и искрени обиди да раскажат приказна. ХИ-ФИ не е само простор за проекции, туку и платформа на која студентскиот филм излегува од факултетските училници и влегува во јавен, културен простор.
„Студентскиот филм станува многу похрабар, особено што за првпат имаме дури 13 филмови во селекцијата на македонски студентски филмови. Имаме многу млади филмаџии кои доаѓаат и творат на многу важни теми и сите се општествено ангажирани“, вели Петреска.

Првиот ден посветен на домашната студентска продукција
Првиот фестивалски ден, беше посветен на националната селекција на студентски филмови. Проекциите започнаа во 19 часот, а по нив следува Q&A сесија, како можност публиката да разговара со дел од авторите за процесот, темите и предизвиците зад филмовите.
Националната селекција е реализирана во соработка со филмскиот и музички фестивал „Ѕирни“, кој заедно со жири-комисијата ќе го избере победникот. Победниците во двете селекции на ХАЈ-ФАЈ ќе влезат во официјалната селекција на осмото издание на „Ѕирни“ фестивал.
Меѓународна селекција и филмски приказни од регионот
Вториот фестивалски ден, 2 јуни, беше посветен на меѓународната селекција. Во 20 часот беа прикажани студентски филмови од Србија, Словенија, Бугарија и Италија, со што ХИ-ФИ отвора простор за регионално и европско поврзување на младите автори.
Но, вечерта започна во 19 часот со програмата „Telling Stories“, во која учествуваа Андреј Медиќ, Батухан Ибрахим, Анастасија Павловска и Борјан Гаговски.
Меѓународната селекција ја проширува идејата на платформата надвор од локалната сцена. Таа покажува дека студентскиот филм, иако често создаден со ограничени услови, може да биде силен простор за размена, препознавање и заедничко размислување за генерациските теми.
„Telling DIY stories“: како се прави филм кога нема идеални услови?
Во рамки на дискурзивната програма, ХИ-ФИ отвори и поширока тема преку панел-дискусијата „Telling DIY stories“. Разговорот беше посветен на прашања што често стојат зад студентскиот и независниот филм: како се прави филм со малку ресурси, како се создава кога нема доволно искуство, како се децентрализира културата преку градење заедница и како независната сцена може сама да се промовира.
Батухан Ибрахим, говорник на панел-дискусијата, вели дека не постои филм со нула буџет, туку независен филм во кој секој вложува нешто.
„Не постои филм со нула буџет. Постои независен филм, во кој секој од нас, заедно со своите соработници, вложува нешто. Генерално, важно е да ви се погодат оние со кои соработувате, тоа да биде една мала ваша група со која знаете дека ќе имате добра соработка и која ја дели истата визија како вас, без разлика на финансиите“, вели Ибрахим.
Овој дел од програмата го поставува ХИ-ФИ не само како фестивалска платформа, туку и како место за размислување за условите во кои младите автори создаваат. Наместо да чекаат идеални околности, тие често работат со она што го имаат: идеи, пријатели, камера, простор и потреба да кажат нешто свое.

Третиот ден со специјална проекција и музичка програма
Третиот фестивалски ден, на 3 јуни, започнува во 19 часот со специјална проекција на „DJ Ahmet“. Во 21:30 часот следува „Telling Stories“ со Георги М. Унковски, а вечерта продолжува со музичката програма на MARIGO од 22 часот.
Со ова, ХИ-ФИ ја заокружува тридневната програма како спој на студентски филм, авторски разговори, музика и неформална културна средба.
Простор каде студентскиот филм добива публика
ХИ-ФИ се надоврзува на потребата студентските филмови да добијат повеќе видливост, а младите автори да имаат простор каде што ќе можат да ги прикажат своите дела пред публика. Во програмата годинава се вклучени 17 филмови од домашната и меѓународната селекција, со што платформата станува точка на средба меѓу студентите, публиката, професионалците и независната културна сцена.
Дарко Јовчевски од Котур вели дека фестивалите како ХИ-ФИ и „Ѕирни“ се значајни токму затоа што им даваат простор на младите автори.
„Фестивалите и платформите како ХИ-ФИ и „Ѕирни“ се многу значајни, бидејќи преку нив се дава простор на младите. Со ваквите платформи тие добиваат можност да ги презентираат своите дела, што на поголемите фестивали е многу тешко, особено кога станува збор за краток студентски филм што треба да стигне до поширока публика“, вели Јовчевски.
Според него, фестивалите фокусирани токму на студентскиот филм им овозможуваат на младите автори да го почувствуваат вистинскиот сјај на фестивалското претставување.
„Мислам дека преку вакви фестивали студентските филмови добиваат вистински сјај, а младите автори чувствуваат како изгледа да се биде дел од еден голем фестивал. Тоа искуство понатаму во животот, кога ќе имаат професионален филм, може да биде многу голема мотивација“, додава Јовчевски.
Настанот е со слободен влез, а целосната програма е достапна на социјалните мрежи на ХИ-ФИ, Академска сцена и КОТУР.
Третото издание на ХИ-ФИ е поддржано од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а се реализира во соработка со КОТУР кафе и филм и фестивалот „Ѕирни“.