Десетици илјади граѓани излегоа на улиците на Белград на големиот студентски протест против власта на Александар Вучиќ, организиран под слоганот „Студентите победуваат“. Иако собирот на плоштадот Славија започна мирно, вечерта дојде до сериозни инциденти пред српскиот парламент и кај Пионирскиот парк, каде што одекнуваа експлозии, се фрлаа бакљи и интервенираше Жандармеријата.
Студентското движење ги повика граѓаните на Србија на голем протестен собир на плоштадот Славија во Белград, во рамки на кампањата „Студентите победуваат“, со која се бара одржување предвремени парламентарни избори и демократизација на земјата. Собирот започна во 13 часот на четири локации во Белград, а главниот протест на Славија беше предвиден од 18 до 20 часот. На протестот се собраа десетици илјади луѓе. Во исто време, за собирот „Србија победува“ во таканаречениот „Чациленд“, во Пионирскиот парк, во близина на кабинетот на претседателот на Република Србија, се подготвуваа и поддржувачите на владејачката Српска напредна странка и претседателот Александар Вучиќ.
Судир меѓу полицијата и демонстрантите пред парламентот
Припадници на српската Жандармерија доцна попладне формираа кордон и тргнаа кон демонстрантите пред зградата на парламентот во Белград, по што полицијата почна да ги оттурнува насобраните. За време на интервенцијата, неколку млади лица биле соборени на земја, а демонстрантите фрлале бакљи кон полицијата, додека одекнувале петарди и топовски удари.
Полициските сили ги потиснуваат демонстрантите по Таковска улица кон зградите на Поштата и Радио-телевизија Србија (РТС). Интервенција во тек има и на Булеварот „Крал Александар“.
Инциденти кај Пионирскиот парк
Кај Пионирскиот парк и зградата на Народното собрание дошло до инциденти кога група луѓе, враќајќи се од правецот на Славија, застанала и, според првичните информации, почнала да фрла експлозивни направи во паркот.Експлозии се слушале и претходно од долниот дел на паркот.
Полицијата ги подигнала штитовите и благо го поместила кордонот, додека детонации и понатаму се слушаат од повеќе локации во самиот парк. Од правец на Собранието пристигнува и Жандармеријата, која во текот на денот не била присутна. Граѓаните кои се враќаат од протестот негодуваат поради пристигнувањето на поголем број припадници на Министерството за внатрешни работи, а забележано е и фрлање шишиња со вода.
Брнабиќ: „Хрватските медиуми пумпаат повеќе од N1“
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, ги нарече студентските протести лицемерни, а собирот во Пионирскиот парк го опиша како „празник на демократијата“ и прослава на победата над „обоената револуција“. Таа претходно изјави дека протестите добиле поддршка од Хрватска и се осврна на медиумското покривање на настаните.
„Гледам дека хрватските медиуми пумпаат повеќе од N1“, изјави Брнабиќ.
Протестот на Славија заврши со песни и пораки
Протестниот собир на Славија заврши нешто пред 20 часот. По објавувањето на крајот на собирот од бината, учесниците почнаа да скандираат: „Кој не скока, тој молчел“. По говорите, на бината се качија и неколку јавни личности кои, со извици „Студентите победуваат“, ги поздравија насобраните граѓани.
Актерот Гага Јовановиќ остана последен на сцената и заедно со демонстрантите ја запеа песната „Ружо румена“.
На крајот, студентот Андреј Танко извикуваше „Студенти“, а насобраните одговараа: „Победуваат“.