Неколку часа пред почетокот на финалето на Светското првенство 2026 меѓу Шпанија и Аргентина, пред стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси се создадоа огромни редици, а дел од навивачите чекаат и по неколку часа за да влезат на трибините. Причина за метежот се исклучително строгите безбедносни проверки, кои за првпат на овој Мундијал ги спроведува американската полиција. Безбедносните мерки се засилени поради присуството на бројни високи државни претставници, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп.
Контролите се спроведуваат според процедури слични на оние на аеродромите. На посетителите им се прегледуваат торбите, сите минуваат низ детектори за метал, а задолжително е и празнење на џебовите пред влезот.
Дополнителен проблем создава фактот што истите влезови ги користат и навивачите и сите акредитирани лица – новинари, волонтери, вработени, изведувачи и угостителски персонал. Поради тоа, на одредени влезови чекањето надминало два и пол часа.
И покрај долгите редици, организаторите не најавуваат промени во безбедносниот протокол, а се очекува стадионот да биде исполнет до почетокот на големото финале меѓу Шпанија и Аргентина.