Хаос по земјотресите во Венецуела: Расте бројот на загинати, започнаа масовни грабежи и очајна потрага по преживеани

Бројот на жртви по двата разорни земјотреси во Венецуела продолжува да расте. Над 180 загинати, илјадници повредени, масовни грабежи и драматична потрага по преживеани под урнатините.
epaselect epa13062508 A damaged vehicle lies beneath rubble in Caracas, Venezuela, 24 June 2026. Two powerful earthquakes struck Venezuela, including a magnitude 7.5 earthquake, causing buildings to collapse as authorities assessed damage and possible casualties, according to the US Geological Survey (USGS) and local officials. EPA/RONALD PENA R

Венецуела се соочува со една од најтешките природни катастрофи во својата понова историја откако два силни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени според Рихтер ја погодија северната област на земјата. Бројот на загинати постојано расте, а спасувачките екипи и граѓаните водат трка со времето во потрага по преживеани затрупани под урнатините.

Според последните официјални информации, загинале најмалку 188 лица, додека над 1.500 се повредени. Во меѓувреме, преку интернет-платформа за пријавување исчезнати се евидентирани повеќе од 30.000 лица, бројка која не претставува официјална статистика, но ја покажува големината на хаосот и прекинатите комуникации.

Ла Гуаира прогласена за зона на катастрофа

Најтешко погодена е крајбрежната сојузна држава Ла Гуаира, која привремената претседателка Делси Родригез ја прогласи за зона на катастрофа. Воздушните снимки покажуваат цели населби претворени во урнатини. Во градот Катија Ла Мар голем број објекти се целосно срушени, а десеткатниот хотел „Едуардс“ се урнал речиси целосно. Големи оштетувања има и во главниот град Каракас.

Властите прогласија вонредна состојба, а сите расположливи спасувачки служби и медицински тимови се испратени во најпогодените области.

Болниците се пред колапс

Здравствениот систем е под огромен притисок. Болниците примаат стотици повредени, а медицинскиот персонал предупредува дека недостигаат основни медицински средства, лекови, завои и заштитна опрема. Во Каракас дел од пациентите се лекуваат надвор од болничките објекти, бидејќи капацитетите се исполнети, додека во Ла Гуаира армијата поставува полски болници

Во најтешко погодените населби спасувачките екипи сè уште немаат пристап до сите урнати објекти, па жителите сами се обидуваат да ги спасат своите најблиски.

„Копаме со голи раце. Немаме механизација, но слушаме луѓе под урнатините“, изјавиле жители за локалните медиуми.

Локалните власти потврдуваат дека и понатаму се слушаат повици за помош од под срушените згради.

Започнаа и масовни грабежи

Покрај спасувачката операција, безбедносната состојба дополнително се влошува. Во делови од најпогодените градови се пријавени масовни грабежи, додека голем број населби останале без струја, вода и телефонски врски. Безбедносните сили патролираат низ погодените области, но жителите предупредуваат дека ситуацијата останува хаотична.

Меѓународната заедница започна со испраќање хуманитарна и спасувачка помош. Поддршка најавија САД, Германија, Шпанија, Франција, Италија, Кина, Русија, Мексико и повеќе земји од Латинска Америка. Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека САД се подготвени веднаш да испратат спасувачки тимови, медицинска опрема и хуманитарна помош, додека Обединетите нации ја координираат меѓународната акција.

Спасувачите предупредуваат дека следните 48 часа ќе бидат клучни за пронаоѓање преживеани, додека стравувањата се дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.

е-Трн да боцка во твојот инбокс