Коцертот на порториканската музичка ѕвезда Bad Bunny во Милано беше прекинат во саботата вечерта откако силно невреме со град го погоди отворениот настан, поради што околу 80.000 посетители морале да го напуштат просторот. Италијанските агенции ANSA и Adnkronos објавија дека неколку посетители биле погодени од крупни ледени парчиња град, по што интервенирале итните медицински служби.
Според противпожарната служба, дел од фановите добиле удари во пределот на главата, но засега нема информации за потешко повредени лица.
Неизвесно дали концертот ќе продолжи
Организаторите сè уште не соопштиле дали настапот ќе биде одржан повторно. Во меѓувреме, дел од посетителите на социјалните мрежи побараа враќање на парите за билетите. Видеа објавени на TikTok покажуваат како дождот и невремето го прекинуваат концертот, додека публиката се обидува да се засолни.
Bad Bunny моментално е на европска турнеја која треба да трае до 22 јули. Во февруари годинава тој беше главна ѕвезда на полувремето на Super Bowl, каде настапи со песни на шпански јазик и го претстави регетонскиот и латино-трап звук пред глобална публика. 32-годишниот артист е еден од највлијателните музичари во светот, а неговиот последен албум „Debí Tirar Más Fotos“ ги истакнува традиционалните порторикански ритми и носи силна општествена порака.