Хаос на границите во Европа: ЕЕС-системот создаде редици од 6 часа и пропуштени летови

ЕЕС-системот предизвика хаос на границите во Европа – редици до 6 часа, пропуштени летови и апели за итно суспендирање пред летната сезона.

Воведувањето на новиот европски систем за влез-излез (ЕЕС) предизвика сериозни проблеми уште во првата недела од неговата примена, оставајќи илјадници патници заглавени на аеродроми и гранични премини низ Шенген-зоната.

Наместо забрзан проток, како што беше најавено, системот доведе до долги редици и застои, бидејќи секој патник мора да помине биометриска проверка, фотографирање и земање отпечатоци. Овие процедури создадоа тесни грла на граничните пунктови, со чекања кои во некои случаи достигнуваат и до шест часа.

Еден од најеклатантните примери доаѓа од Милано, каде од лет за Манчестер успеале да се качат само 34 патници од вкупно 156, додека останатите го пропуштиле летот поради долгите проверки. Дел од нив биле принудени да платат значителни суми за нови билети и да патуваат со големи доцнења.

Проблемите се чувствуваат и на копнените граници. За време на празничните патувања, патниците на грчката граница чекале со часови, а процедурите за автобуси со десетици патници дополнително го забавиле протокот. Во одредени моменти, граничните служби биле принудени привремено да се вратат на старите методи со печати во пасошите за да го намалат метежот.

Водечките европски аеродромски организации, меѓу кои АЦИ Европа и A4E, веќе упатија апел до Европската комисија да се овозможи привремено суспендирање на системот во услови на прекумерен метеж. Тие предупредуваат дека без поголема флексибилност, летната туристичка сезона може да биде сериозно загрозена.

Иако дел од туристичкиот сектор очекува дека станува збор за почетни проблеми кои со време ќе се надминат, актуелната состојба веќе создава незадоволство кај патниците и дополнителен притисок врз транспортниот систем низ Европа.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни