Воведувањето на новиот европски систем за влез и излез (EES систем) предизвика сериозни проблеми на аеродромите низ Европа, уште во првите денови од неговата целосна примена. Наместо побрз проток, патниците се соочуваат со долги редици, доцнења и пропуштени летови.
Системот, кој стапи на сила на 10 април во 29 земји од Шенген зона, воведува биометриска контрола за патници кои не седржавјани на ЕУ. Наместо печати во пасош, се собираат отпечатоци од прсти, фотографии и податоци за движење преку границите.
Иако целта е поголема безбедност, реалноста на теренот покажува спротивно. Аеродромските организации и авиокомпаниите предупредуваат дека чекањето од неколку часа не е само „почетен проблем“, туку сериозен системски неуспех кој може да ескалира.
Директорот на европската асоцијација на аеродроми предупреди дека ваквите услови ќе бидат неодржливи, особено во пресрет на летната сезона, кога бројот на патници драматично расте.
Конкретни примери веќе ја покажуваат тежината на ситуацијата. На аеродромот Линате во Милано, поради метеж на граничната контрола, од 156 патници за лет кон Манчестер, само 34 успеале да се качат во авионот.
Авиокомпаниите реагираат остро, оценувајќи дека ситуацијата е „неприфатлива“ и надвор од нивна контрола. Тие бараат од европските институции поголема флексибилност, па дури и привремено суспендирање на системот во периоди на пик-оптоварување.
Од Европска комисија тврдат дека системот функционира и дека регистрацијата на патник трае околу 70 секунди, но од индустријата предупредуваат дека во пракса процедурата е значително подолга.
Дополнителен притисок врз авио-сообраќајот создава и енергетската неизвесност поврзана со Ормутски теснец, што отвора ризик од проблеми со снабдувањето со авионско гориво.
Сето ова се случува во пресрет на летната туристичка сезона, кога милиони патници ќе патуваат низ Европа – што ја зголемува загриженоста дека хаосот на аеродромите може дополнително да се продлабочи доколку не се преземат итни мерки.