Светската здравствена организација соопшти дека се пријавени девет случаи на хантавирус од Андите поврзани со крузерот MV Hondius, од кои седум се потврдени. Сите патници се евакуирани од бродот, кој по симнувањето на последните патници и дел од екипажот заминал од Тенерифе кон Холандија.
Нови позитивни случаи се регистрирани меѓу евакуираните патници. Во Шпанија, еден од 14 патници изолирани во болницата „Гомез Ула“ во Мадрид бил прелиминарно позитивен на PCR тест, но е без симптоми и во добра општа состојба. Во Франција, една од петте евакуирани француски државјанки исто така е позитивна, откако развила симптоми за време на летот за репатријација.
Во САД под здравствен надзор се 18 лица на две локации, меѓу кои има еден позитивен случај и едно лице со симптоми. Во Холандија, пак, 12 вработени во Универзитетскиот медицински центар „Радбуд“ се ставени во шестнеделен карантин како мерка на претпазливост, поради пропусти во постапувањето со примероци од пациент заразен со хантавирус.
Досега тројца патници починаа, а кај двајца од нив е потврден хантавирус. Андскиот вирус најчесто се пренесува преку глодари, но е единствениот познат хантавирус кај кој е можно ограничено пренесување од човек на човек. СЗО нагласува дека нема докази дека ова може да прерасне во пандемија како ковид-19, но предупредува дека кај тешките случаи лекувањето и закрепнувањето можат да бидат долготрајни.
Бразил во меѓувреме потврди смртен случај од хантавирус во државата Минас Жераис, но здравствените власти нагласуваат дека тој случај е изолиран и нема поврзаност со крузерот MV Hondius.