Хакери упаднале во системите на ЦИА: Откриени податоци, засегната и разузнавачката координација на САД

Според американските медиуми, неовластен пристап бил остварен до најмалку еден владин систем со јавно достапни разузнавачки информации. Во инцидентот е засегната и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање, додека безбедносните проблеми во американските институции се редат.

Американските разузнавачки институции се соочуваат со нов безбедносен инцидент откако хакер наводно успеал да пристапи до системи поврзани со Централната разузнавачка агенција (ЦИА). Според медиумските извештаи, компромитираните информации не биле класифицирани како државна тајна, но случајот повторно го отвора прашањето за безбедноста на владините информатички системи.

„Њујорк тајмс“, повикувајќи се на владини претставници и извори запознаени со истрагата, објави дека неовластен пристап бил остварен до најмалку еден владин систем. За инцидентот извести и „Фокс њуз“.

Според достапните информации, станува збор за систем во кој се собираат и анализираат јавно достапни податоци. Иако тие не биле означени како доверливи или класифицирани, нивното неовластено откривање претставува безбедносен проблем за институциите што ги користат. Освен ЦИА, инцидентот ја засегнал и Канцеларијата на директорот на националното разузнавање (ОДНИ), институцијата задолжена за координација на американската разузнавачка заедница.

Повторен упад во системите на ФБИ

Случајот доаѓа во период кога и Федералното истражно биро (ФБИ) се соочува со повторени сајбер-безбедносни проблеми. „Фокс њуз“, повикувајќи се на извор од ФБИ, објави дека инцидентот со системите на ЦИА се случил во истиот ден кога и Федералното истражно биро било погодено од сајбер-напад во текот на претходната недела. Во случајот со ФБИ, цел на нападот била база на податоци што ја користат американските агенции за спроведување на законот. Во неа се чуваат информации поврзани со налози за апсење и проверки на минатото на лица.

Според медиумските информации, ова бил втор хакерски напад врз ФБИ во период од само два месеца. Повторувањето на инцидентите дополнително ја засилува загриженоста за ранливоста на системите што обработуваат чувствителни владини информации.

Технички проблеми во САД и промени во сајбер-безбедносниот сектор

Хакерските напади се случуваат во период на низа технички прекини и проблеми со информатичките системи во американските институции и инфраструктура. Неодамна беа регистрирани проблеми во системите за контрола на воздушниот сообраќај, поради кои беа откажани илјадници домашни летови. Привремени ограничувања имаше и кај услугите за мобилно плаќање, додека глобален прекин на сервисите на „Мајкрософт“ остави голем број корисници без пристап до „Аутлук“, „Мајкрософт тимс“ и „Копајлот“.

Проблеми биле пријавени и во една од високо доверливите комуникациски мрежи на Националната агенција за безбедност (НСА). Серијата инциденти предизвика критики за начинот на кој американските институции се справуваат со техничките дефекти и сајбер-безбедносните предизвици. Во овој контекст, Белата куќа пред неколку дена го разреши националниот директор за сајбер-безбедност Шон Кернкрос. На негово место привремено е поставена Кирстен Дејвис, досегашна раководителка за информатичка технологија во Министерството за одбрана.


Новите информации за упадот во системите на ЦИА доаѓаат во чувствителен момент за американската безбедносна инфраструктура. Засега, според објавените медиумски извештаи, нема потврда дека биле откриени класифицирани разузнавачки информации, но случајот покажува дека и системите што обработуваат јавно достапни податоци можат да станат цел на сајбер-напади.

е-Трн да боцка во твојот инбокс