Хаити повторно ги одложи претседателските избори, Ел Салвадор испраќа над 2.000 војници

Изборите во карипската држава сега се планирани за јули 2027 година, додека Ел Салвадор најавува воена операција за пронаоѓање на исчезнати техничари и поддршка на акциите против вооружените банди.

Ел Салвадор испраќа повеќе од 2.000 војници на Хаити за да помогнат во пронаоѓањето на исчезнати лица и во безбедносните операции против вооружените банди, соопшти Министерството за надворешни работи на Ел Салвадор. Истовремено, Хаити повторно ги одложи претседателските избори, кои сега се планирани за следната година.

Во оваа најнаселена карипска држава избори не се одржани од 2016 година, а последниот претседател беше убиен во 2021 година. Повеќе привремени лидери го одложуваа гласањето, повикувајќи се на влошената безбедносна состојба, додека вооружените криминални групи ги прошируваат териториите под своја контрола.

Од 2024 година на Хаити се распоредени странски сили во рамките на безбедносни мисии поддржани од Обединетите нации. Нивната цел е да ѝ помогнат на хаитската полиција да ја обезбеди контролата врз населбите и да создаде услови за одржување безбедни и веродостојни избори.

Во јули, изборниот совет на Хаити ги закажа долгоочекуваните избори за 13 декември. Но, претходно овој месец соопшти дека го преиспитува изборниот календар, без да наведе конкретен нов датум.

Според распоредот објавен вчера, првиот круг од претседателските и парламентарните избори треба да се одржи на 18 јули 2027 година. Вториот круг, заедно со локалните избори, е планиран за 4 октомври.

Заседа врз салвадорски техничари

Одлуката за одложување на изборите доаѓа нешто повеќе од една недела откако четворица воздухопловни техничари од Ел Салвадор исчезнаа по заседа врз нивното возило. Инцидентот се случил на периферијата на Порт-о-Пренс, во област под контрола на вооружени банди.

Претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, најави операција за нивно спасување и веќе испрати стотици војници во карипската држава. Сепак, не прецизираше како ќе биде организирано командувањето, колку долго војниците ќе останат на Хаити и кои конкретни задачи ќе ги извршуваат.

Договор со премиерот на Хаити

Министерството за надворешни работи на Ел Салвадор во средата соопшти дека Букеле разговарал телефонски со премиерот на Хаити, Аликс Дидие Филс-Аиме, и дека планира да распореди повеќе од 2.000 војници. Канцеларијата на Филс-Аиме го потврди разговорот во одделно соопштение, наведувајќи дека двајцата лидери ја потврдиле својата посветеност на зајакнување на билатералната координација и оперативната соработка во рамките на силите за борба против бандите.


Според соопштението, соработката треба особено да ги поддржи операциите за спасување и одговорот на безбедносните предизвици со кои се соочува Хаити. Од канцеларијата на премиерот засега не одговориле дали новите салвадорски сили ќе ѝ се приклучат на мисијата поддржана од Обединетите нации или ќе дејствуваат одделно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс