Вештачката интелигенција на Гугл ќе се тренира на интерните бази на „Спирит ерлајнс“

Податоците за патниците и вработените од банкротираната авиокомпанија одат во рацете на технолошкиот гигант за подобрување на неговите AI модели.

Гугл се согласи да плати 10 милиони долари за преземање на интерната документација и деловните бази на банкротираната авиокомпанија „Спирит ерлајнс“. Со овој чекор, податоците за трансакциите, програмите за лојалност и внатрешната комуникација на пропаднатиот авиопревозник стануваат главен материјал за тренирање на моделите за вештачка интелигенција на технолошкиот гигант.

По прекинот со работа и отворањето на стечајната постапка, „Спирит ерлајнс“ започна со продажба на сопствениот имот. Покрај авионите и недвижностите, се покажа дека деловните податоци имаат висока вредност на пазарот. Пакетот што го купува Гугл опфаќа електронска пошта, интерни преписки, табели, трансакции од резервации на билети, податоци од програмата за лојалност, како и записи од одделот за човечки ресурси.

Според доставената судска документација, сите детали што би можеле директно да го откријат идентитетот на поединечните патници или вработени се претходно отстранети. Од Гугл потврдија дека договорот е заклучен со цел усовршување на нивните алгоритми, притоа нагласувајќи дека во компанијата нема да пристигнат приватни лични податоци.

Технолошките компании сè почесто пребаруваат за обемни структурирани бази од реалниот сектор за тренирање на напредните AI системи. Оваа зделка отвора нов модел во кој корпоративните податоци од компании во ликвидација стануваат вредна замена за класичните дигитални извори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс