Гугл исече над 250 илјади дрвја во Финска за нов дата-центар

Финските власти ги запреа градежните работи на технолошкиот гигант откако илјадници хектари шума беа исечени без еколошка дозвола.

Американскиот технолошки гигант Гугл предизвика силен бран незадоволство во Финска откако без задолжителна проценка за влијанието врз животната средина исече околу 250.000 дрвја во општината Мухос за изградба на нов дата-центар за вештачка интелигенција. Локалните власти наредија итно запирање на активностите на оваа локација, како и во местото Отанмаки каде што се исечени уште 150.000 дрвја, отворајќи дебата за цената што природата ја плаќа за глобалната технолошка трка.

На простор од 330 хектари кај местото Мухос, каде што до неодамна се протегаше густа шума, градежните зафати оставија разриена земја, кал и купишта корења. Локалните жители предупредуваат дека заматената вода од локацијата веќе истекува во потоците што се влеваат во реката Оулујоки.

Финската агенција за лиценцирање и надзор (ЛВВ) реагираше со официјална наредба за прекин на работите во Мухос и во селото Отанмаки. Причината е директно непочитување на процедурите: компанијата ја започнала сечата без да направи задолжителна еколошка студија.

Директорот на Гугл за Финска, Анти Јарвинен, упати јавно извинување, но изјави дека компанијата постапила според своето тогашно разбирање на законите. Потегот е дел од масовен инвестициски циклус вреден 13 милијарди евра наменет за инфраструктура за вештачка интелигенција. Сепак, еколозите предупредуваат дека исеченото дрво, според финските прописи за бесправна сеча, воопшто не смее да се најде во слободна продажба.

Околу 93.000 граѓани потпишаа петиција со барање за строга законска регулација на дата-центрите и исплата на финансиска отштета за локалните заедници. Случајот предизвика тензија и кај финската влада, која претходно го промовираше овој проект како врвен економски приоритет. Премиерот Петери Орпо случувањата ги оцени како студен туш, додека еколошките активисти го квалификуваат ваквиот пристап како ароганција која го злоупотребила нордискиот систем изграден врз доверба.

Универзитетските експерти укажуваат дека ваквите комплекси носат мал број директни вработувања и речиси никаков даночен прилив за државниот буџет, бидејќи оперираат за глобални потреби на мултинационалните сервиси.

Во Отанмаки последиците се чувствуваат секојдневно. Дивите животни, вклучително и волците, почнаа да се приближуваат до селските куќи бидејќи им е уништено природното живеалиште, додека ретките видови птици како трипрстиот детлиќ целосно го напуштија реонот.

Овој пример испраќа јасна порака и за регионот и за Македонија, каде што честопати странските инвестиции се дочекуваат со брзи административни олеснувања и снижени критериуми за заштита на животната средина. Кога технолошкиот раст ќе се постави пред еколошката контрола, штетата врз шумскиот фонд и водите станува неповратна, без оглед на економските ветувања.


Како обид за санирање на состојбата, претставниците на Гугл најавија пошумување на 130 хектари и контрола на квалитетот на водите. За локалните еколошки друштва, оваа површина е далеку под реално нанесената штета на теренот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс