Поранешниот специјален пратеник за дијалогот меѓу Белград и Приштина и актуелен доверлив соработник на Доналд Трамп, Ричард Гренел, се соочува со внатрешна истрага во Белата куќа поради сомнение за трговија со влијание и проневера на милионска донација. Според документите доставени до правните советници на претседателот, Гренел му ветил директен пристап до шефот на државата на турскиот бизнисмен Турхан Милдон во замена за уплата наменета за културниот центар „Кенеди“.
Истрагата ја покрена правниот советник на Белата куќа, Вил Шарф, откако адвокатите на турскиот бизнисмен Турхан Милдон доставија финансиска документација и текстуални пораки. Според преписката од 3 мај 2025 година, Гренел наводно барал средства за да обезбеди средби на највисоко политичко ниво.
„Штом парите ќе легнат на сметката на компанијата овде, ќе ја организирам донацијата за центарот Кенеди, а вие ќе учествувате на ВИП настани и ќе се приближите до администрацијата, па дури и до самиот претседател“, гласи спорната порака што ја објави порталот Аксиос.
Гренел ги отфрли обвинувањата и порача дека станува збор за лаги. Тој негираше дека ја испратил пораката, тврдејќи дека никогаш не примил исплати од Милдон ниту пак пренасочувал средства наменети за центарот.
Случајот експлодираше во Овалната соба на 9 октомври кога поранешната адвокатка на Трамп, Алина Хаба, директно го обвини Гренел за измама врз нејзиниот сопруг. Документите покажуваат дека Милдон префрлил 17,6 милиони долари на сметка поврзана со деловни трансакции, при што сума од 5,6 милиони долари требало да биде заведена како донација во центарот „Кенеди“, кој во тој период го водеше токму Гренел.
Финансиските служби на културната институција потврдија дека таква уплата никогаш не пристигнала на нивните сметки, туку дека бил евидентиран само неподмирен ветен прилог од 270.000 долари. Дополнително, преписката открива дека Гренел му ветувал на турскиот претприемач заштита за неговите зделки во Венецуела, каде што американскиот дипломат истовремено дејствуваше како специјален пратеник на Вашингтон.
РичардГренел во регионот е познат како клучниот архитект на Вашингтонскиот договор меѓу Србија и Косово од 2020 година, но и како чест гостин во Скопје, Белград и Тирана. Тој одржуваше директни врски со локалните политички елити, лобираше за странски инвестиции во енергетиката и недвижностите на Балканот и отворено го критикуваше меѓународниот суд во Хаг за постапките против поранешните лидери на ОВК.
Западен Балкан со години му служеше на Гренел како дипломатски полигон за директни бизнис-политички договори без класично институционално посредство. Отворањето на истрагата во Вашингтон сигнализира сериозен удар врз неговиот авторитет токму во моментот кога регионалните лидери очекуваа тој да биде главниот канал за комуникација со новата американска администрација.
