Грција најавува минимална плата од 1.000 евра до 2028 година и божиќен додаток за 720.000 вработени

Четиригодишниот фискален план предвидува мерки вредни 11,45 милијарди евра, зголемување на платите и пензиите, даночни олеснувања и поевтина електрична енергија.

Грчката влада најави дека минималната плата во земјата треба да достигне 1.000 евра до јануари 2028 година. Ова е дел од четиригодишниот фискален план, кој предвидува економски мерки во вкупна вредност од 11,45 милијарди евра до 2030 година. Планот опфаќа зголемување на платите и пензиите, намалување на даноците, финансиска поддршка за домаќинствата и инвестиции во енергетската инфраструктура.

Минималната плата во Грција моментално изнесува 920 евра. Предвидени се две последователни зголемувања – во април 2027 и во јануари 2028 година. За споредба, во 2021 година минималната плата изнесувала 650 евра.

Божиќен додаток за вработените во јавниот сектор

Од декември 2027 година се планира воведување годишен божиќен додаток од 500 евра бруто за околу 720.000 вработени во јавниот сектор.

Се очекува и зголемување на пензиите за 2,9 проценти, почнувајќи од јануари следната година.

Поволни кредити за прв дом и поевтина струја

За граѓаните што купуваат прв дом е предвидена програма вредна две милијарди евра, преку која ќе се обезбедуваат станбени кредити со поволни каматни стапки.

Владата планира и постепено намалување на трошоците за електрична енергија до 30 проценти во периодот од 2027 до 2029 година. Грчкото Министерство за економија и финансии очекува економски раст од 2,3 проценти во следната година.


Јавниот долг, кој годинава се проценува на 135,8 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), според проекциите би можел да се намали на околу 110 проценти до 2030 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс